Министерот потврди дека во една од последните акции за заплена на пиротехника бил вмешан и полициски службеник

Сериозно се размислува за заострување на казнената политика за нелегална трговија и употреба на пиротехника, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Иако превентивните кампањи се засилени, Тошковски констатира дека употребата на пиротехника во урбаните средини останува присутен.
„Жител сум на градот Скопје и констатирам дека навистина има доста употреба на пиротехника. Лично сум на размислување во делот на заострување на казнена политика којашто е поврзана особено со ваков тип на криминал и нелегални дејности, во делот на санкционирање на оние коишто тргуваат, увезуваат, шверцуваат, продаваат или на било каков начин придонесуваат пиротехниката да заврши во рацете на дечињата“,
рече Тошковски.
Министерот потврди дека во една од последните акции за заплена на пиротехника бил вмешан и полициски службеник.
Акцијата, додаде Тошковски, е спроведена на територијата на СВР Велес, а сомнежот е дека службеникот бил дел од група која нелегално внесувала и транспортирала пиротехнички средства во државата.
Тој денеска на заедничка прес-конференција со министерот за здравство Азир Алиу ги презентираше резултатите од кампањата „Кажи НЕ на пиротехника“.
Според Тошковски, МВР во текот на 2025 година постигнале значителни резултати во откривање и сузбивање на нелегалната продажба и дистрибуцијата на пиротехнички средства.
Минатата година биле запленети над 252 000 парчиња пиротехника, а Тошковски кажа дека биле поднесени 37 кривични пријави против 37 лица.
„Само во една од последните акции беа одземени над 35 тони пиротехнички средства, при што беше приведен и полициски службеник, што јасно покажува дека законот важи за сите“,
додаде тој.
Во соработка со Министерството за здравство и Клиниката за пластична хирургија, беше презентирана кампањата насочена кон заштита на младите. Министрите апелираа дека петардите не се играчки, туку можат да предизвикаат трајни и неповратни телесни повреди.
Министерот упати посебен апел до родителите да бидат одговорни и да не дозволуваат децата да дојдат во контакт со овие опасни средства.
