Тошковски вели дека треба суштинска реорганизација во насока на соодветна реакција на ваква кризна состојба
Владата под итно да донесе одлука што ќе треба да биде во насока на реорганизација на целокупниот систем кој всушност и не постои, за да се справи соодветно со секоја криза која би настанала во Македонија. Ова е една од одлуките кои денеска се донесени на седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
„Факт е дека и Центарот за управување со кризи (ЦУК) и сите останати институции делуваат во рамките на оние капацитети коишто сме ги наследиле, но факт е дека тоа е несоодветно и особено ненавремено согласно потребите. Ресурсите се тие, луѓето се тие, можностите се тие. Но, факт е дека наследивме систем којшто е руиниран и кој ако сакаме да биде онаков како што треба да биде мораме суштински да го реформираме за да догодина повторно не не снајде истото коешто не снајде оваа година и не снаоѓаше наназад многу години“,
рече по седницата министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој раководи со Комитетот.
На седницата, како што рече Тошковски, било одлучено и навремено и соодветно реагирање од страна на Јавното претпријатие „Национални шуми“, за кое рече дека е во катастрофална состојба. Ова, додаде Тошковски, треба да е во насока на обезбедување 15 тони гориво од резервите што ги има држвата, сè со цел да можат навремено да помогнат во рамки на целокупната кризна состојба која настана со пожарите.
Тошковски посочи дека се размислува во насока на создавање едно тело, односно спојување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување под една команда, како и формирање специјална единица.
„Факт е дека треба да се реорганизираме суштински во насока на соодветна реакција на ваква кризна состојба. Ова е токму една од точките кои беа дискутирани и се размислува во насока да се создаде едно тело во иднина коешто ќе ги има капацитетите, и материјални и човечки, да одговори соодветно на вакви кризни состојби. Тоа би било едно од можните системски решенија“,
рече Тошковски.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, вели дека проблемот за кој зборува министерот Тошковски е проблем за кој се алармирало повеќе од две години.
„Нам ни е неопходна длабока реформа на целиот систем за управување со кризи. Постои цврста и јасна волја час поскоро системот за управување со кризи да биде трансформиран во еден значително пофункционален систем бидејќи на тој начин со истите ресурси што ги имаме сега, системот ќе може да гаси повеќе пожари, тоа да го прави поефикасно и побрзо“,
рече Ангелов.
Според него, во Центарот за управување со кризи, како и во Дирекцијата за заштита и спасување има превработеност на позиции каде што нема потреба. Ангелов посочи и дека во одредени подружници на ЦУК во други градови се вработени многу луѓе, но недостасуваат, како што рече, онаму каде што треба.
Ангелов смета дека со спојувањето на ЦУК и ДЗС би се добила нова функционална институција која ќе ги обедини постоечките.
„Во овој момент имаме од ЦУК околу 300 вработени и мислам дека ДЗС се повеќе од 300. Сметам дека со малку помалку луѓе би добиле нова функционална институција која ќе ги обедини постоечките функции на двете постоечки институции и би добиле една условно кажано специјана единица за заштита и спасување. Таа би била во јачина од една армиска чета од 120 луѓе која би била мултифункционална, летно време ќе гасне пожари, но истовремено ќе може да спасува луѓе ако се повредат на планин. Таквата единица би дала една сосема нова димензија во целата оваа област бидејќи детектираните слабости не можат да се отстранат на друг начин“,
рече Ангелов.
На состанокот присуствуваа и другите членови на Комитетот – министрите за одбрана и за здравство, Владо Мисајловски и Арбен Таравари, како и нивните колеги од земјоделство, шумарство и водостопанство, Александар Николоски и Цветан Трипуновски. На денешната седница присутен беше и Здравко Трајанов, директор на ЈП „Национални шуми“.
На седницата не беа министрите за транспорт и за надворешни работи и надворешна трговија, Александар Николоски и Тимчо Муцунски.