„Се надевам дека во иднина ќе создадеме центар за обука на пилоти во Македонија, нешто што на времето го имало, но претпоставувам дека поради некадарноста, да не речам друго, го уништиле изминативе години“, рече Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека се размислува за создавање на центар за обука на пилоти во Македонија, со што би се одговорило на актуелниот недостаток на ваков кадар во земјава во делот на системот за справување со кризи.
Тошковски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по денешниот состанок на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, со кој претседава тој.
„Размислуваме да создадеме центар за обука во Македонија и на таа работа работиме и се надевам дека во иднина ќе создадеме центар за обука на пилоти во Македонија, нешто што на времето го имало, но претпоставувам дека поради некадарноста, да не речам друго, го уништиле изминативе години“,
рече министерот за внатрешни работи, одговарајќи на прашање за тоа што се планира за надоместување на малиот број пилоти во земјава, вклучително и оние ги управуваат авионите за гаснење пожари „ертрактор“
Сепак, како што наведе тој, за тоа е потребно време.
„Пилот за шест месеци и за една година не се прави. Сега јас да го лажам народот дека со магично стапче некој ќе чукне и готова е работата тоа не го правам. Значи пилоти, тие се капацитетите што ги имаме, тие се ресурсите што ги имаме, се што можеме да сториме во насока на обезбедување на соодветни капацитети ќе го сториме, топла вода не можеме да измислиме“,
рече Тошковски.
Инаку, во обраќањето на прес-конференцијата, министерот кажа дека државата има тотално нефункционален систем којшто би требало да одговори на кризни состојби од типот на поплави, пожари и други непогоди, поради што се работи на системско решение кое што треба да ја надмине ваквата состојба.
Тошковски наведе дека во изминатите осум и повеќе години ништо не е сторено во делот на системски решенија во областа на справувањето со кризни состојби, а за оние кои што се подготвуваат и на кои се работи ќе биде потребно време од неколку години за да се имплементираат и да профункционираат како што доликува на европска држава, додаде министерот.
Во контекст на градењето на ова системско решение, тој најави „збивање на редовите“ меѓу институциите, за што се ангажирани и странски експерти кои треба да помогнат со, како што кажа министерот, своето искуство, емпирија и знаење.
„Збивање на редовите“ како што посочи Тошковски значи дека идејата на Владата за спојување на одредени институции најверојатно ќе треба да се имплементира најбрзо што може. Иако не ги наведе институциите, станува збор за најавата од летово за спојување на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување.
На забелешка од новинарите дека министерот истото го говореше и летоска кога беснееја пожарите низ земјава и прашан дали има конкретни мерки кога станува збор за спојување на ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување, Тошковски рече дека се работи за суштински мерки кои бараат повеќе од шест месеци или една година за да бидат имплементирани.