Експремиерот има две правосилни пресуди со кои е осуден на затворски казни, а неодамна доби и казна затвор од седум години која сè уште не е правосилна

Властите прават проценка во кој период повторно ќе се побара екстрадиција за експремиерот Никола Груевски, кој избега во Унгарија во 2018 година за да не ја одлежи двегодишната затворската казна во случајот „Тенк“.
Денеска министерот за правда Никола Тупанчески ги посочи новите околности алудирајќи и на неодамнешната пресуда за „Плацови на Водно“ со која тој доби седум години затвор.
„Повторно се прави проценка во кој приод треба да се обнови тоа барање заради некои други околности. Претпоставувам дека сте во тек дека има нови пресуди и сето тоа ни дава и нам обврска да бидеме внимателни затоа што знаете дека во неколку наврати бевме одбиени“,
изјави денеска Тупанчески.
Пресудата во „Плацови“ не е правосилна и за неа ќе треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје.
Во случајот „Тенк“, пак, пресудата беше потврдена и од Врховниот суд. Груевски има и правосилна пресуда од една година и шест месеци затвор во случајот „Насилство во Центар“. Неодамна за овој случај, исто така, највисокиот суд го одби неговото барање за вонредно преиспитување на пресудата.
На 20 мај Основниот кривичен суд Скопје ќе изрече пресуда за предметот ТНТ кој се однесува за рушењето на „Космос“, која доколку биде осудителна ќе биде четврта по ред за експремиерот.
Против Груевски се водат уште неколку други процеси, меѓу кои и за изборни нерегуларности во „Титаник“ и за изградбата на автопатиштата во „Траекторија“. Тој е осомничен и за организацијата на настаните во Собранието од 27 април 2017 година каде што сè уште не е поднесено обвинение против него со оглед дека беше недостапен за обвинителството.