Правните служби на Владата ја разгледуваат можноста да се стави европско знаменце на Предлог-законот за воведување зелена еколошка такса за горивата кој е во собраниска процедура. Јас лично сметам дека треба да има затоа што е дел од Зелената агенда која е главна преокупација на Европската Унија, а согласно климатските промени и Парискиот договор очигледно е и на светот, но тоа треба да го кажат службите, порача денеска премиерот Зоран Заев.
Во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата, тој нагласи дека европско знаме на законските предлози се става по два основа од кој првиот е со коресподентни табели, кои значат целосно спроведување на одредени регулативи и директиви, а вториот согласно европската агенда, односно европските преокупации.
„Тоа треба да го проверат правните служби и да се утврди дали се става европско знаме или не. Во наредните денови ќе се разгледаат сите можни опции заради тоа што е поврзано со Зелената агенда која дефинитивно е преокупација на Европската Унија. Не постојат основи за коресподентни табели и нема директива и регулатива, но е поврзано со европската агенда и правните служби ја разгледуваат оваа опција како можност. Сепак, веруваме дека Парламентот ќе изнајде начин да се донесе законот заради тоа што со еколошката такса која е нова давачка дефинитивно нафтата кај нас останува најевтина во споредба со било која земја во соседството и од земјите-членки на ЕУ“,
рече Заев.
Воведувањето на таксата, како што кажа, доаѓа во момент кога се намалува и претходно зголемената акциза затоа што во моментов цената на нафтата е 597 долари по барел, а штом стигне до 600 веднаш се укинува дополнителната акциза од два денара.
„На тој начин се случува една своевидна компензација. Придобивките од воведувањето на еколошката такса се огромни, со нив фаќаме чекор со сите модерни и демократски земји кои водат грижа за здравјето на својот народ и создаваат еколошки фондови кои ќе бидат неопходни заради заштита на здравјето, воздухот и сите други еколошки аспекти на живеачката“,
потенцира Заев.