Од амбасадата велат дека сите заинтересирани граѓани што сакаат да ја искористат оваа можност, мора итно да се пријават во Амбасадата и да ги достават своите податоци: име и презиме, број на патна исправа и датум на важност, детали од кој граничен премин ќе влезат, време, датум и место на пристигнување и заминување

Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во соработка со властите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Кралството Саудиска Арабија, ја разгледува можноста за репатриација на македонските граѓани затекнати во овој регион.
Поради моменталните безбедносни услови, евакуацијата ќе се одвива во две фази. Прво со копнен превоз, при што граѓаните ќе бидат транспортирани со автобуси од ОАЕ до Саудиска Арабија. Ова патување се очекува да трае помеѓу 13 и 15 часа.
Потоа од територијата на Саудиска Арабија евакуираните граѓани ќе бидат префрлени со авиони кон крајните дестинации.
Врз основа на формално барање од македонската амбасада и МНР, властите на Саудиска Арабија ќе издаваат хуманитарни визи за македонските граѓани директно на граничниот премин, по претходно доставен официјален список.
Од амбасадата велат дека сите заинтересирани граѓани што сакаат да ја искористат оваа можност, мора итно да се пријават во амбасадата и да ги достават своите податоци: име и презиме, број на патна исправа и датум на важност, детали од кој граничен премин ќе влезат, време, датум и место на пристигнување и заминување.
Пријавувањето, како што додаваат оттаму, може да се направи на дежурниот телефон: +971 56 441 7532 или преку електронска пошта на [email protected].
Претходно денеска од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираа дека над 400 македонски граѓани што се наоѓаат на Блсикиот Исток побрале информации околу можна евакуација, а 30 од нив биле подготвени веднаш да ја напуштат земјата каде што се наоѓаат.
Од министерството рекоа дека за граѓаните кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и во Катар, во моментот се проценува оти не постојат безбедни услови за извлекување.
