Прашан дали ќе се побара притвор за поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, државниот обвинител без да споменува име, рече дека притвор ќе се бара за сите лица што се наведени и кои се сомничат за наведеното кривично дело
Коцевски потврди дека градоначалникот на Општина Кочани, кој денеска поднесе оставка, е во зградата на судот и оти дава исказ, но не потврди дали и тој е меѓу осомничените
Во моментов сѐ уште се држат рочишта во зградата на Основниот суд во Кочани по барањето на Обвинителството за одредување краткотраен притвор на лица опфатени во предистражната постапка за пожарот во таканаречената дискотека во Кочани, каде што загинаа 59 лица. Ова денеска го соопшти државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој сѐ уште е во Кочани, заедно со обвинителскиот тим, кој работи на истрагата за пожарот во Кочани.

Вчера од Јавното обвинителство соопштија дека се вршат проверки за 11 лица, од кои за осум се бара да им биде одредена мерка краткотраен притвор од 48 часа, додека за тројца постапката продолжува откако ќе им се подобри здравствената состојба, бидејќи се наоѓаат во болница.
Коцевски денеска информира дека до овој момент се работи на итно процесуирање на 14 лица, обезбедени од почетокот на постапувањето на обвинителскиот тим во врска со настанот. Ова значи дека освен за претходните осум, краткотраен притвор се бара за уште шест лица.
Одговарајќи на новинарско прашање дали веќе има одлуки за одреден притвор, Коцевски одговори потврдно, но не кажа за колку лица станува збор, бидејќи, како што рече, тие сѐ уште се наоѓаат во кочанскиот Основен суд.
„Во моментот има, но бројот не можам да го кажам“,
вели Коцевски.
Прашан дали ќе се побара притвор за поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, тој без да споменува име, рече дека притвор ќе се бара за сите лица што се наведени и кои се сомничат за наведеното кривично дело.
„Ќе се бара притвор за сите 14 лица“,
рече државниот јавен обвинител.
Според него, најголем дел од осомничените се испитуваат за кривичното дело тешки дела против општата безбедност на луѓето, за кое се предвидени затворски казни од најмалку три до најмногу 20 години.
За тоа дали обвинителите ќе успеат да стигнат да ги завршат истражните дејствија со оглед на кратките рокови, обвинителот посочи дека ќе ги преземат сите активности за што е можно во пократок рок да ги обезбдат сите докази, за да може да биде поведена истрага.
„Во текот на оваа недела има можност, сметајќи ги сите овие 48 часа, да се поведе и истражна постапка“,
кажа тој.
Коцевски потврди дека градоначалникот на Општина Кочани, кој денеска поднесе оставка, е во зградата на судот и оти дава исказ, но не потврди дали и тој е меѓу осомничените.
Сите лица, рече Коцевски, за кои тимот на јавни обвинители утврди дека немаат преземени некои активности што подлежат под кривичноправен аспект ќе бидат повикани.
„Тоа што можам да го ветам е дека истрагата ќе биде брза и ефикасна и дека сите што се огрешиле ќе одговараат. Ги разбирам граѓаните дека имаат огромна тага и болка, бидејќи и јас самиот чувствувам гнев, но апелирам дека мора смирено да делуваме и да се осигураме дека виновниците за ова дело ќе одговараат и веќе никогаш нема да се соочиме со слични работи“,
рече Коцевски.
Инаку, за појаснување, Коцевски рече дека мерката краткотраен притвор е процесен институт за обезбедување присуство на лицата за кои постои основано сомнение дека извршиле кривично дело, а се предлага во особено сложени предмети кога треба да се прибере поголем обем на докази за проверка на сите околности и евентуално формално поведување истрага.
Оваа мерка е предвидена согласно член 170 од Законот за кривична постапка.
Може да се определи најмногу два пати по 48 часа без да биде донесена формална наредба за спроведување на истражна постапка. Тоа му овозможува на јавниот обвинител да го задржи лицето за кое постои сомнение подолго од основните 24 часа полициско задржување.
Смислата на оваа законска одредба е да му овозможи на јавниот обвинител да има доволно време особено во тешки и сложени предмети да ги преземе сите активности и да ги утврди фактите и околностите, како и конкретните својства и дејствија на лицата кои ќе ги ипситува понатаму во истражната постапка.
Како што наведе Коцевски, откако ќе биде спроведена истражна постапка, краткотрајниот притвор може да биде продолжен, односно заменет со мерка ефективен притвор од 30 дена.