Дали тоа ќе биде трета доза или таа ќе премине во сезонска вакцинација, ќе се одлучи натаму врз основа на светски студии, а сега е важно да се знае дека вакцинацијата е единствен спас од пандемијата која ќе ја има сѐ додека сите не се вакцинираат, рече Филипче на отворањето на малата сала во „Борис Трајковски“ како пункт за вакцинација
Комитетот за имунизација деновиве ќе излезе со став за третата доза од вакцината против ковид, која некаде во светот веќе се дава како засилувач на имунитетот.
Според министерот за здравство Венко Филипче, дали тоа ќе биде трета доза или таа ќе премине во сезонска вакцинација, ќе се одлучи натаму врз основа на светски студии, а сега е важно да се знае дека вакцинацијата е единствен спас од пандемијата која ќе ја има сѐ додека сите не се вакцинираат, изјави тој на отворањето на малата сала во СЦ „Борис Трајковски“ како вакцинален пункт.
Засега трета доза кај нас се дава на пациенти со трансплантација и со хронична дијализа, а анализите што се прават од домашните експерти е на кој период да се дава таа – на 4-6 месеци и кој тип вакцина.
Сепак, она на што инсистираше Филипче е масовната вакцинација, за што и денеска упати апел, особено до помладата популација, каде што процентот на вакцинација е понизок.
За владината кампања, тој рече дека не е задоцнета, туку дека е планска, откако во април и мај претходно во континуитет имаше кампањи за имунизација на УНИЦЕФ и делегацијата на ЕУ.
Како партнери во оваа кампања Филипче ги посочи и медиумите, за кои рече дека помагаат со навремено споделување на релевантни информации.
За средствата што ќе се потрошат во кампањата рече дека не значат скратување од други области.