Пријавите и заканите од страна на ученици во нашите училишта се рефлексија на случувањата во нашето соседство. Станува збор за едно детско невнимателно однесување кое сепак предизвикува реакции, вели министерот

Министерството за внатрешни работи постапува за секој еден случај во кој има заканувачки пораки од учениците во училиштата. Засега нема сериозност во пораките, но превентивно се постапува и се преземаат потребните акции за секој случај, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„За секој случај кој што е идентификуван за секој се реагира, се постапува со социјалните служби, со раководството на училиштата, родителите во истиот момент и засега немаме состојба која укажува на сериозност во намерата да биде преземено било што, меѓутоа превентивно во секој момент кога ќе дознаеме било каква информација веднаш реагираме“,
изјави Спасовски.
Тој вели дека пријавите и заканите од страна на ученици во нашите училишта се рефлексија на случувањата во нашето соседство. Станува збор за едно детско невнимателно однесување кое сепак предизвикува реакции, вели Спасовски.
Тој испрати апел до родителите и до учениците за сериозно и одговорно однесување, а на раководствата на училиштата им порача да го подигнат степенот на одговорност и внимание. Оцени дека случувањата во Србија ја подигнале свесноста кај сите.
„Ова што се случуваше во соседството ја подигна малку јавната свест кај сите нас за заеднички да делуваме. Ова е многу важно од семејството преку образвовните институции, па до секој еден од нас и медиумите секако да ја подигнеме јавната свест“,
рече Спасовски.
Спасовски додаде дека Министерството и пред случувањата во Србија преземало активности, односно веќе постојат механизми насочени кон безбедноста на учениците, а тие механизми биле засилени по дојавите за поставени бомби во училишните објекти.
„Секоја недела се прават опсежни проверки кои подразбираат контрола на лица, возила, безбедноста на сообраќајот се со цел да превенираме одредени активности и тоа дава извонредни резултати барем досега. Се покрена иницијатива пред сите овие случувања заедно со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука, токму во овој дел на преземање на други мерки кои би значеле дел од работа на социјалните служби и поврзување со Мининистерството за внатрешни работи заради безбедноста, се со цел да се работи со лица, ученици кои што немаат добро поведение или можат да направат одреден безбедносен проблем или нарушување на безбедноста“,
информира Спасовски.
По случувањата во Србија, кога 13-годишно момче изврши масакр и уби осум соученици и чувар, а повреди уште шест деца и еден наставник, македонското Министерство за образование и наука почна со кампања со која ќе ја подигнува свеста кај младите за важноста на мирот, ненасилството и толерантното однесување во и надвор од училиштата.
Од Министерството велат дека со кампањата ќе се обидат да допрат до учениците, наставниците и другите вработени во училиштата, родителите и старателите и да укажат дека е важен придонесот на секој од нас во остварувањето на целта.
