Иако ниту една од шесте држави на Западен Балкан, плус Турција, сѐ уште немаат донесено закони со кои невладините организации и вработените во нив би се здобиле со статус на „странски агенти“, годишниот извешај на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество покажува генерален раст на непријателството и нетрпеливоста кон граѓанските организации
НВО-секторот, сепак, останува активен чинител во демократските процеси во споменатите држави. Тоа што загрижува е неконзистентната владина соработка
Албанија, Косово и до одреден степен Северна Македонја, се држави во кои граѓанскиот сектор пријавил дека работел без директно мешање од државата во 2023 и 2024 година. Оваа реченица е една од позитивните во извештајот за состојбата на граѓанскиот сектор во 2024 година на Балканот, плус Турција, изработен од Балканската мрежа за развој на граѓанското општество.
Иако има и други охрабрувачки процеси, генералниот тон е дека во регионот се случува регрес кога е во прашање силината на НВО-организациите, нивниот опстанок и третманот кој го добиваат од националните власти.
Македонија
Земјава, генерално, нема посериозни проблеми кога е во прашање искажувањето и пренесувањето на ставовите на граѓанскиот сектор, вклучувајќи ги и ставовите искажани на собири и протести. Како контраст, во Србија, а особено во Турција, новинарите можат да се соочаат со сериозни проблеми ако известуваат од или пренесуваат протести.
Но, иако во Македонија во 2024 година на граѓанските организации не им била ускратена можноста да го кажат ставот, тој став баш и не се слушал. Во извештајот се потсетува дека земјава има Совет за соработка меѓу извршната власт и граѓанскиот сектор, но низ 2024-тата, а и некое време претходно, тој постоел само на хартија.
„Северна Македонија претставува јасен пример за институционално назадување: Советот за соработка меѓу владата и НВО-секторот е практично неактивен и НВО-организациите се исклучени од процесите за избор и за одбирање приоритети…“
се вели во дел од извештајот.
Во моментов, проблемот со Советот е надминат. Во април годинава се одржа конститутивната седница на телото, откако беа избрани нови членови.
Но, остануваат и други проблеми. На пример, се бара сите законски измени да минуваат низ јавна консултација на владиниот портал ЕНЕР, што често не се прави.
Според документот, НВО-секторот во земјава вработува 1 813 луѓе, а имало 12 684 регистрирани здруженија на граѓани. Државата годишно одвојува околу 5 милиони евра за граѓанскиот сектор, што, според документот, е премалку.
Балканот и Турција
Не е изненадување што извештајот нотира дека меѓу балканските земји, најголемиот притисок врз граѓанското општество е во Србија.

„Во Србија, во 2024 година, се засилија нападите помогнати од државата против граѓанското општество, вклучувајќи кампањи на клевети, незаконско следење/прислушување и фабрикувани случаи. Новите законски предлози, како нацрт-законот за странски агенти, дополнително го влошуваат непријателското опкружување“,
пишува во дел од извештајот.
Што се однесува до Турција, критиките се особено остри кога е во прашање слободата на изразување.
„Во Турција, законите ја криминализираат и навредата и клеветата, а казните се повисоки кога тие се упатени кон функционери. Бројни случаи се отворени поради ‘навреда на претседателот’, ‘навреда на турската нација… и нејзините институции и органи’. Тие често завршуваат со затворска казна. Со стапувањето на сила на т.н. Закон за дезинформации, измените на Кривичниот законик и Законот за печат, се зголемија предизвиците за искажување на критичко мислење. Многу тужби се поднесени токму врз основа на овие закони, со што се ограничува можноста на новинарите и невладините организации да ја информираат јавноста за нарушувања на човековите права“,
се вели во дел од извештајот.
За другите земји од Западен Балкан проблемите се повторуваат. Во сите држави има некаков формален механизам во кој НВО-секторот треба да учествува во владините политики, но владите не покажуваат на дело дека го слушаат граѓанското општество. Условите за работа некаде се полоши, некаде подобри, но генерално нема доволно финансиска поддршка од државата. А, и таа што ја има, не се дели транспарентно.
„Намалувањето на граѓанскиот простор не е случајно; тоа ја одразува стратешката намера да се демонтира демократскиот плурализам“, заклучува Ања Босилкова-Антовска, коавторка на извештајот.