Тој додаде дека по консултации со економски професори заклучокот е дека зголемувањето на цените можеби не е толку изразено во односот добавувачи–маркети, колку во базичната инфлација и инфлацијата на услуги

Владата ќе спроведе детална анализа на базичната инфлација, по што многу скоро ќе излезе со прецизни и таргетирани мерки за заштита на граѓаните од зголемените цени на производите. Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата.
„Не сме среќни што ова се случува, но мора да направиме детална анализа во делот на базичната инфлација“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека по консултации со економски професори заклучокот е дека зголемувањето на цените можеби не е толку изразено во односот добавувачи–маркети, колку во базичната инфлација и инфлацијата на услуги.
Премиерот истакна дека мерките ќе бидат објавени многу скоро и дека целта е да бидат прецизни и таргетирани, за да не предизвикаат стихија.
Мицкоски посочи дека првичните забелешки укажуваат на големо отскокнување кај инфлацијата на услугите, каде што бројките се двоцифрени.
„Треба да видиме колкав е уделот на инфлацијата во услугите при создавање на базичната инфлација. Тука имаме отскокнување, двоцифрени бројки“,
рече тој.
За да ја објасни ситуацијата, Мицкоски даде пример со земјоделските производи. Според податоците од пред една до две недели, во инпутот параметрите се зголемени за два проценти, додека во аутпутот за 11 проценти.
„Земјоделецот го продава производот на некој кој тој производ го носи во маркет и ако тој го продава за 11 проценти повисока цена, тогаш е јасно за што зборувам“,
рече Мицкоски.
Државниот завод за статистика денеска објави дека во јуни трошоците за живот се зголемени за 4,5 проценти, а цените на мало за 3,7 проценти.