Културните работници сметаат дека е можно одржување јавни настани под строго утврдени протоколи за заштита на здравјето на учесниците и публиката
Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Венко Филипче и Дамјан Манчевски, како и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска во „Паркот на франкoфонијата“ одржаа работен состанок со претставници од Здружението на културни работници, со кои разговараа за предлог-протоколот за организација на јавни настани, вклучувајќи ги и поголемите културно-забавни манифестации, во услови на епидемија на коронавирусот.
На културните работници им било посочено дека Владата ќе ја разгледа оваа иницијатива и ќе постапи во согласност со мислењата и препораките што ги дава Комисијата за заразни болести.

Претставниците на Здружението, пак, посочија дека организација на настани, како што се концерти и фестивали, е возможна и во услови кога светот се соочува со пандемијата, доколку тие се прават под строго утврдени протоколи за заштита на здравјето на присутните.
Здружението на културни работници е подготвено преку кампањи за подигање на јавната свест да ги информира граѓаните за условите под кои би се одржувале настаните.
