Ослободување на јавниот простор во време на корона е новата акција на Град Скопје со цел да се добие дополнителен простор за движење на пешаците и велосипедистите.
Со оваа акција, во наредниот период од јавните површини во Скопје ќе бидат отстранети 240 рекламни објекти, билборди и светлечки реклами.
„Станува збор за 120 билборди и 120 ситилајти кои биле легално поставени во најголем дел на тротоари, пешачки површини, велосипедски патеки и други јавни површини и на тој начин го ограничувале движењето на пешаците и на велосипедистите со што ја намалувале и безбедноста на целокупниот сообраќај. Во таа насока, сакам да се заблагодарам на компаниите кои ги издаваат овие рекламни објекти за разбирањето и покажаната одговорност кон граѓаните, а кои се откажуваат од дел од својата заработка со цел граѓаните да имаат повеќе и побезбеден јавен простор во градот“,
рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција.

Оваа акција е во договор со компаниите кои го закупиле рекламниот простор и за истиот имаат платено надоместок.
„На задоволство на граѓаните постигнавме договор со компаниите кои се занимаваат со закуп на рекламен простор во делот на билборди и ситилајти, доброволно да отстранат вкупно 240 рекламни објекти од јавните површини во Скопје и покрај тоа што во минатото имаат склучено договор со градот, за што платиле извесен надомест“,
рече Шилегов.
Од сегашните 680 билборди, ќе останат 560, со тоа првата зона од централното градско подрачје целосно се ослободува од поставените рекламни објекти, а се намалува нивниот број и во преостанатите зони.
