Директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, во изјава за МИА наведува дека во моментов оваа околност нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на авиосообраќајот
Се работи на отстранување на дефектот на еден од радарите на Меѓународниот аеродром „Скопје“, информираат од Македонската навигација откако вчера дел од медиумите објавија дека е расипан единствениот исправен радар во контролата на летање на М-НАВ. Оттаму во изјава за МИА наведуваат дека во моментов оваа околност нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на авиосообраќајот.

„Стапено е директно во контакт со производителот и дозволен е онлајн пристап до уредот за да се направи дијагностика и да дадат предлози и поддршка за решавање на проблемот. М-НАВ воедно, вонредно ги ангажира своите стручни лица со цел што побрзо враќање на радарската глава Алениа – Бањски Рид во употреба“,
вели во изјава за МИА Владимир Ристески, претседател на Управниот одбор на М-НАВ и извршен директор на Секторот за воздухопловна навигација.
Тој додава дека М-НАВ располага со три радарски глави – една покрај охридскиот, а две на скопскиот аеродром.
Ристески вели дека техничкиот дефект од електронска природа, како оној на една од радарските глави на аеродромот во Скопје е нормална појава во авијацијата, а кога се случуваат се предвидени безбедносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авиокомпаниите во такви околности.
„М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на еден час. Овие регулации ќе останат во сила до отстранување на дефектот“,
додава тој.
Дел од медиумите вчера објавија дека е расипан радар на М-НАВ на аеродромот во Скопје, а директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, посочи дека работата се одвива тековно, но со побавно темпо.