Рочиштето се одложи поради отсуство на еден од обвинетите – тогашниот директор на модуларната болница во Тетово, Флорим Бесими. Неговиот адвокат кажа дека Бесими не можел да присуствува поради здравствени причини и побара одложување на рочиштето
Во тетовскиот суд денеска се одложи судското рочиште на кое требаше да се одржат завршните зборови на Обвинителството и одбраната на обвинетите во врска со пожарот во тетовската модуларна болница, кој се случи на 8 септември 2021 година и во кој животите ги загубија 14 луѓе.
Рочиштето се одложи поради отсуство на еден од обвинетите – тогашниот директор на модуларната болница во Тетово, Флорим Бесими. Неговиот адвокат кажа дека Бесими не можел да присуствува на судењето поради здравствени причини и побара одложување на рочиштето.
„Клиентот ме информираше дека има температура и треска и затоа барам одложување“,
рече адвокатот на обвинетиот Флирим Бесими.
Судењето на кое треба да се изнесат завршните зборови судијата Јордан Велковски го закажа за 10 мај.

Пред Основниот суд во Тетово денеска повторно се собраа група граѓани кои преку мирен протест побараа ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски, кој е еден од обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница. Порачаа оти докторот имал обврска да лекува луѓе, а не да презема обврски околу инфраструктурата на болницата.
„За жал, во нашава држава најдобрите и најхумани доктори ќе ја напуштаат земјава и ќе нема кој да нè лекува. Овој доктор треба да биде награден, а не да доаѓа овде во судниците зашто нема никаква вина. Тој колку можел помагал и сè уште им помага на пациентите. Нанесена е неправда“,
изјави жена присутна на протестот.
Доказната постапка во судскиот процес заврши со последните сведоци кои беа сослушани на 6 април.
Како последни сведоци беа сослушани двајца вработени од обезбедувањето на Клиничката болница Тетово, како и докторка од интернистичкото одделение која била ангажирана во модуларната болница.
Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 г., кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени, почна на 7 декември лани откако од септември 2022 година дотогаш судскиот процес беше неколкупати одложуван.
Обвинетите, поранешните директори Флорим Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничката болница Тетово како правно лице, на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
Судењето започна во декември 2022 година