Ситуацијата беше причина судијката да упати и прашања до обвинетите дали ќе ги задржат адвокатите, но и да упати своевидно предупредување до бранителите дека нема да ја толерира вакви случаи во иднина, како и дека ако тоа се повтори судот ќе ги искористи механизмите што му стојат на располагање согласно Законот за кривична постапка (ЗКП)
Обвинението против деветтемина што седнаа на обвинителна клупа денеска беше поднесено на 27 мај годинава. Тие се товарат за повеќе убиства од кои неколку двојни
Под силно полициско обезбедување денеска претпладне во Основниот кривичен суд Скопје беа спроведени деветтемина водачи и членови на криминалната група Беланоца-Барон за почетокот на судскиот процес во кој се обвинети за повеќе убиства, изнуда и загрозување на општата сигурност.

Сепак, судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, која претседава со судечкиот совет, иако ја отвори главната расправа, беше принудена да го одложи рочиштето. Причина беше отсуството на неколку адвокати, ангажирани за одбраната на дел од обвинетите.
Ситуацијата беше причина судијката да ги праша обвинетите дали ќе ги задржат адвокатите, но и да упати своевидно предупредување до бранителите дека нема да ја толерира вакви случаи во иднина, како и дека ако тоа се повтори судот ќе ги искористи механизмите што му стојат на располагање согласно Законот за кривична постапка (ЗКП).
„Доколку ваквата пракса продолжи и ако таа е насочена кон одолговлекување на постапката, судот ќе определи бранители по службена должност“,
рече судијката.
Инаку, денеска во судницата 1 на Кривичниот суд, во која доминираше присуството на припадници на интервентната полиција под полна опрема и качулки на главите, на обвинителна клупа седнаа деветемина обвинети во предметот.
Фатљум Ајети познат како Тоте, Акиф Равмановски познат и како Јусуф Акифи – Барон, Зулќуфли Нуредини, Акиф Мемиши, Абдула Садики, Шенаси Маслани, Мирвет Маслани, Гани Марку и Решад Исман, беа спроведени од затворите „Идризово“ и „Скопје“ каде што дел од нив издржуваат затворски казни од други постапки, но и ефективни притвори за конкретниот и други предмети.
За потсетување, Акиф Равмановски беше лицето кое лани беше помилувано од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во врска со полесно дело што го извршил и за кое бил осуден, но по кратко време беше повторно уапсен од полицијата поради обид за убиство. Ова беше повод за остри реакции во јавноста по што тогашниот состав на Комисијата за помилување во рамките на кабинетот на претседателката си поднесе оставка.
Инаку, од адвокатите денеска во Кривичниот суд не дојдоа Еленко Миланов, кој му е бранител на Фатљум Ајети, неговиот колега Јовица Страшевски, кој го застапува Гани Марку и Мерџан Даути ангажиран од Решат Исмани.
Како што беше кажано во судницата, Миланов бил на годишен одмор за што доставил и резервација што ја направил уште на пред неколку месеци, а идентична беше и причината за отсуството на Страшевски. Даути, пак, го информирал судот дека морал да патува во странство поради здравствената состојба член на неговото семејство.
Судијката во тој контекст рече дека адвокатите биле должни за овие околности да ги известат своите клиенти бидејќи станува збор за притворски предмети за кои не важи судиската ферија.
„Станува збор за притворски предмет, а притворските предмети се работа и за време на судиската ферија“,
рече судијката Јанчулева-Михаиловска.

Во продолжение стана збор и за листите на докази што треба да ги достават обвинетите преку нивните бранители, на што дел се изјаснија дека веќе доставиле, а дел рекоа дека ќе го направат по воведните зборови на другите обвинети.
Пред и формално да го одложи денешното судијката закажа повеќе термини за следните рочишта. Првото наредно е на 15 август, а термини одреди сè до средината на ноември.
Сите наредни рочишта ќе бидат во судницата во рамките на затворот „Идризово“, која беше (ре)активирана за потребите на судскиот процес за случајот „Адитив“ каде што има поголем број обвинети.
Што се однесува со конкретниот предмет, во обвинението се опфатени девет лица од групата Беланоца-Барон и уште една криминална група која нема формално име, но нејзините членови се дел од позната група во скопското подземје. Во истрагата за случајот беа опфатени и уште седум лица, но тие се недостапни за органите за прогонот, а дел се и починати поради што постапката за нив е прекината.
Обвинението против деветтемина што седнаа на обвинителна клупа денеска беше поднесено на 27 мај годинава. Тие се товарат за повеќе убиства од кои неколку двојни.
Како позвучни ликвидации кои изминатите години ја потресоа јавноста, а се нарачани и извршени од оваа група, од Обвинителството ги посочија она во угостителскиот објект „Шиша бар“ што се случи на почетокот на март 2023 година. Другото е убиството на Орхан Бајрами-Оки во Ханиоти во Грција. Орхан Бајрами-Оки формално беше претставуван како сопственик на казино и вклучен во бизниси со трговија на пијалаци, но од медиумите беше означен и како неформален водач на криминалната група Дуќанџик од селото Грчец кои важат за ривалска група на Беланоца-Барон.

Ривалството со групата од Грчец, како што наведоа од Обвинителството на 27 мај била и еден од главните мотиви за убиствата, но имало и други, како искажаните пцости на жртвата кон организаторот на ликвидацијата, а во еден случај мотив било и тоа што првообвинетиот се сомневал дека една од жртвите соработувала со институциите во предметот „Монструм“. „
„Во текот на 2020 година, тројца првообвинети создале организирана криминална група со цел извршување на сериозни кривични дела – пред сè убиства и други насилни дејствија. Организаторите на групата донесувале одлуки и давале конкретни насоки за цели, локации и начин на ликвидација на лица претежно од спротивставената криминална група. Дејствувале со јасна поделба на улоги, а плановите биле спроведувани од други членови – обвинети, починати или недостапни на органите на прогонот, а дел неидентификувани лица“,
соопштија од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 27 мај.
Според прибраните докази дел од обвинетите се поврзани со следните убиства извршени по налог и организација на групата:
• Убиство на Ибраим Ајдини во август 2020 година. Првообвинетиот во име на радикалното движење понудил и платил 10 000 евра за убиството, мотивиран од сомнение дека жртвата соработувала со институциите во предметот „Монструм“. Жртвата била застрелана во својот дом, со истрел во главата. Извршителите ги отстраниле доказите и побегнале.
• Убиството на Џелал Ибраими – јануари 2023. Организирано од групата како одмазда за лична навреда кон првообвинетиот. Убиството е извршено во домот на жртвата, со повеќе истрели. Исплатени се 20 000 евра на учесник во нападот.
• Двојно убиство на Јетон Кривањева и Енес Исеинов – март 2023, извршено како одмазда за претходни убиства (Шиша бар). Првообвинетиот обезбедил 250 000 евра и конкретни насоки. Нападот бил особено суров, извршен во деловен објект, со пукање од непосредна близина. Напаѓачите потоа го запалиле возилото и добиле логистичка поддршка за бегство.
• Убиството на Орхан Бајрами (Оки) – јули 2023, извршено во Грција, во луксузен ресорт. Жртвата била следена преку легални и илегални премини. Нападот бил извршен од двајца маскирани напаѓачи кои испукале 19 куршуми, нанесувајќи три смртоносни рани на жртвата и тешко ранувајќи друго лице.
• Во 2021 година, шестообвинетиот со двајца осомничени формирале нова криминална група, фокусирана на убиства од одмазда и ликвидација на членови од други криминални структури и тоа:
• Убиство на Камер Идризи (Бундес) – мај 2021, извршено од шестообвинетиот и други лица, со 57 испукани куршуми. Жртвата била цел на одмазда за смртта на роднина на еден од организаторите.
• Убиство на Абдуљ Бастри Ибраимовски – јули 2024, извршено поради нарушени односи и претходни конфликти. Во нападот биле користени автоматски пушки. Жртвата починала, а другото лице било тешко рането, а подоцна починало.
• Убиство на Ибраим Исмаили Абиц, извршено во Сингелиќ од првообвинетиот, неговиот брат и осмообвинетиот. Биле испукани 65 куршуми.
Покрај за убиствата, од Обвинителството велат дека се обезбедени докази и за инволвираноста на групите во палење на објекти, а следената комуникација на истражните органи има ги открила и плановите за други кривични дела.

Инаку, палењата на објектите биле вршени за да им дадат до знаење на своите жртви дека се сериозни во намерите за вршење на кривичното дело изнуда.
Кога информираа за поднесеното обвинение од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, рекоа дека очекуваат постапката пред судот да биде долга бидејќи станува збор за обемен предмет, но, исто така, изразија уверување дека судењето ќе тече во континуитет и ќе резултира со осудителни пресуди.