Свежо цвеќе на спомен-обележјата на загинатите припадници на Армијата на повеќе локации положи министерот за правда Игор Филков, кој ја предводеше владината делегација. Почит оддадоа и делегација на Армијата и Министерството за одбрана
Во објава на Фејсбук почит кон загинатите изрази премиерот Христијан Мицкоски
На повеќе локации во Скопје денеска беше одбележана 24-годишнината од загинувањето на осумте бранители, резервисти на Армијата кои ги загубија животите кај месноста Љуботенски Бачила во 2001 година.
Свежо цвеќе на спомен-обележјата на загинатите припадници на Армијата на повеќе локации положи министерот за правда Игор Филков, кој ја предводеше владината делегација.

„Почит беше оддадена пред спомен-обележјето на бранителот Томислав Настевски во Општината Ѓорче Петров, пред споменикот на бранителите во село Волково како и спомен обележјата во касарната ‘Илинден’ и во село Љубанци. Наша обврска е да паметиме, да сочувствуваме и да создаваме општество во кое вакви трагедии никогаш повеќе нема да се повторат“,
се наведува во соопштението на Владата.
Во објава на Фејсбук почит кон загинатите изрази премиерот Христијан Мицкоски.
„Само со вистина, почит и искрена желба за помирување можеме да изградиме општество каде вакви трагедии нема да се повторат. Нека е вечна нивната жртва за татковината. Македонија се потпира на влогот на овие луѓе и нивното дело“,
пишува Мицкоски во фејсбук-објавата.
На спомен-обележјата на загинатите резервисти почит оддаде и делегација на Армијата и Министерството за одбрана предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, кој положи венци со свежо цвеќе на спомен-обележјата во село Љубанци, Волково, касарната „Илинден“ и Општина Ѓорче Петров.