По повод 79-годишнината од ослободувањето на Скопје, делегации ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел и на споменикот „Ослободители на Скопје” на платото пред Владата, а Град Скопје традиционално ќе ја додели наградата „13 Ноември“
Денеска се одбележува 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје во Втората светска војна. На денешен ден во 1944 година борците од 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
По повод 79-годишнината од ослободувањето на Скопје, денеска делегации од институции и организации ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел на Алејата на заслужните граѓани и на споменикот „Ослободители на Скопје” на платото пред владината зграда.
Најавени се повеќе манифестации, работилници, изложби, промоции.
Традиционално, Град Скопје ќе ја додели наградата „13 Ноември“ на физички и правни лица чија цел е промовирање на константните вредности во науката, уметноста, здравството, културата, образованието и спортот.