На новинарско прашање каде гледа решение за моменталната ситуација во Србија, каде што со месеци се одржуваат протести поради трагедијата во Нови Сад, Фон дер Лајен рече дека сега е време целата нација да се обедини и да ги зајакне темелите на ефективната демократија
Европската Унија очекува напредок од Србија во областите на владеењето на правото, електронските медиуми и изборните закони, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Белград, по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Таa го поздрави напредокот на земјата во врска со ажурирањето на избирачкиот список, како и во врска со изборот на членови на Советот на Републичкото тело за електронски медиуми.
„Сега е вистинскиот момент Србија да преземе конкретни чекори кон приклучување. Првата поента е дека треба да видиме напредок во областите на владеењето на правото, електронските медиуми и изборните закони. Знам дека овие реформи не се едноставни, сите сегменти од општеството и политичкиот спектар мора да бидат вклучени во нив“,
рече Фон дер Лајен на прес-конференција во Палатата „Србија“.
Во своето обраќање, претседателката на Европската комисија рече дека ставот на Европската Унија подразбира слобода, а не репресија, вклучително и правото на мирно собирање.
„Ние се залагаме за партнерство, а не за покорност и за дипломатија наместо агресија“,
кажа таа.
Упати покана до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за околу еден месец да дојде во Брисел, со цел да разговара за состојбата во врска со реформите.
На новинарско прашање каде гледа решение за моменталната ситуација во Србија, каде што со месеци се одржуваат протести поради трагедијата во Нови Сад, Фон дер Лајен рече дека сега е време целата нација да се обедини и да ги зајакне темелите на ефективната демократија.
„Ова е момент да се зајакнат темелите на силна, жива и ефикасна демократија. Европската Унија е подготвена да ве поддржи и да вложи максимални напори кога станува збор за ова“,
рече претседателката на ЕК.
Според Фон дер Лајен, ЕУ очекува поголем степен на усогласување на Србија со надворешната политика на Унијата, вклучително и санкциите против Русија.
„Морам да ве пофалам затоа што ја усогласивте вашата надворешна политика со нашата за 61 отсто, но потребно е да се постигне повеќе. Сакаме да сметаме на Србија како на сигурен партнер“,
вели таа.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничката прес-конференција изјави дека членството во ЕУ за Србија е стратешка определба и приоритет на надворешната политика, посочувајќи и дека од почетокот на руската инвазија на Украина, во преговорите за пристапување не е отворен ниту еден кластер.
„Ми се чини дека, барем неодамна, направивме некои работи. Сè уште треба многу да направиме, но исто така треба да разговараме за насоката на нашата политика во земјата“,
рече Вучиќ.
Фон дер Лајен пред да дојде во Белград, ги посети Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Попладнево таа се очекува да пристигне во земјава.