За балканските дипломати во Брисел ова се смета како „уште еден силен политички сигнал“ за посветеноста на ЕУ кон регионот, пренесува МИА
Во наредните денови треба да биде објавена препораката на Европската комисија (ЕК) за отворањето на внатрешните и надворешните граници на ЕУ. Се очекува препорака за изземање на земјите од Западен Балкан од забраната за патување што ќе важи за трети земји, јави МИА од Брисел.
Препораката на ЕК до земјите членки за отворање на границите треба да биде објавена до крајот на оваа недела, изјавил портпаролот за внатрешни работи, Адалбер Јанз.
Според извори во ЕК „големи се шансите“ да биде предложено изземање на шесте земји од Западен Балкан од забраната за влез што ќе важи за трети земји. За балканските дипломати во Брисел ова се смета како „уште еден силен политички сигнал“ за посветеноста на ЕУ кон регионот, пренесува МИА.
Сепак, крајната одлука за движење е во рацете на земјите членки на Унијата кои самостојно одлучуваат дали ќе ја прифатат препораката на ЕК и како ќе ја применат, меѓу другото земајќи ја предвид епидемиолошката состојба во секоја поединечна земја, врз основа на што можат да одлучат дали ќе дадат дозвола за влез на нивна територија или не.
