Министерот за надворешни работи вели дека ставот на Софија е дека државава има обврска да го имплементира пакетот од 2022 г., што според него е апстрактен политички термин, кој се обидуваат да го разјаснат за што вложуваат максимална енергија, притоа кажувајќи им на претставниците на Европската Унија дека како Влада не се подготвени да прифатат каква било идна отстапка во однос на идентитетот, јазикот и историјата

Тоа што мене ме охрабрува е чувството помеѓу повеќе земји членки на Европската Унија дека мора да се најде решение помеѓу Македонија и Бугарија, но не само чувството за потреба за изнаоѓање на решение, туку и очигледниот ангажман на институциите во Брисел и на неколку земји членки за да се создаде доверба помеѓу двете земји, а со тоа и решение за одблокирање на процесот и отпочнување на преговорите, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостување вo емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
На забелешката дека Бугарија смета дека сè е договорено и оти сега е ред на Македонија да испорача, Муцунски вели дека наоѓање на решение нема да биде лесно и оти тој не може да вети нешто такво со апсолутна сигурност. Единствено, вели, може да каже оти земјава ќе води активна кампања на објаснување на позициите, притоа сугерирајќи дека кај голем дел од земјите членки има разбирање за македонската позиција, па оттаму смета дека ќе има засилен ангажман за ова прашање.
„Објективна пречка којашто повторно ни се поставува на патот е фактот што во Бугарија следи изборен период, во којшто ќе биде тешко, според мене, да се водат преговори. Но, ние не го исклучуваме тој процес. Секогаш сме на располагање за разговори во каков било формат. Се согласувам со една неодамнешна изјава на претседателот на Владата, на премиерот Мицкоски, дека и Софија треба да расчисти дали ова е билатерално прашање или е прашање коешто треба да го решиме во европски формат. Но, тоа што јас ќе го кажам е дека ние имаме желба во добра верба да дискутираме со Софија, да работиме за изнаоѓање решение, но не за решение каде што ќе има ризик за неколку месеци повторно да бидеме во истата позиција во којашто сме сега“,
кажа Муцунски.
Министерот за надворешни работи инсистира на терминот „предвидливост“, но на забелешката дека таква предвидливост е речеиси невозможно да се добие, на пример, и поради политичката нестабилност во Бугарија (тоа што една влада би го имала како став сега, може да не важи за некоја идна), тој вели дека оваа теза ја слушнал од многу негови соговорници и дека ја смета за легитимна, но не може да се согласи со неа оти Македонија не е која било држава, туку земја што направи голем број национални отстапки во минатото.
„Македонија е држава којашто, да, бара предвидливост бидејќи е специфичен пример по однос на компромисите коишто нејзината нација, нејзиниот народ ги правел во вербата дека Европа ќе донесе подобра иднина за државата. И во сè уште постоечката верба, покрај сите двојни стандарди, покрај сè она што ѝ се правело на нашата држава, сè уште постои верба кај нашиот народ“,
вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Тој додава оти ставот на Софија е дека државава има обврска да го имплементира пакетот од 2022 г., што според него е апстрактен политички термин, кој се обидуваат да го разјаснат за што вложуваат максимална енергија, притоа кажувајќи им на претставниците на Европската Унија дека како Влада не се подготвени да прифатат каква било идна отстапка во однос на идентитетот, јазикот и историјата.
„Бараме да ни кажат дека разбираат оти донесовме тешки одлуки и оти ги ценат тие тешки одлуки, но и оти за нас отсега ќе се применуваат критериуми. Исто така бараме, кога се бара од нас да се оди и над стандардите на највисоките стандарди во Европа, да очекуваме нашите соседи да покажат еден гест, ако не друго, и да ги применат своите обврски коишто произлегуваат од Европската конвенција за човекови права, односно од Европскиот суд за човекови права во Стразбур“,
рече Муцунски.

Во однос на обврските од Реформската агенда и доцнењето на одредени закони од правосудството, тој вели дека тие сакаат да донесат закони што ќе бидат усогласени со највисоките стандарди на ЕУ, но и закони што ќе може потоа да се имплементираат бидејќи, според него, најопасното нешто во делот на приближување на европските стандарди е да се донесат закони кои потоа нема да можат да бидат имплементирани.
„Така потоа може да бидете подложни на нови критики од страна на Европската Унија. Нешто што во моментот, не би рекол го отежнува, но го прави малку поспор процесот на носење на овие закони е што кога ги имаме конечните верзии, тие пред да бидат пуштени во Собранието, се усогласуваат со Европската Унија, со претставниците во Брисел и нивните експерти, и понатаму доаѓаме до конечната верзија. Можеби, сигурно сме можеле да бидеме поефикасни, но сме имале и други објективни пречки, како што е изборниот процес кога не функционираше Собранието. Целта е сега да се донесат“,
изјави тој.
