Покрај целосна исплата на платата за ноември, Синдикалната организација на машиновозачи бара и исплата на прекувремени часови, бонус-плата за над 150 прекувремени часa, покачување на коефициентот за 0,80 поради зголемени животни трошоци и исплата на додаток од 10 отсто на платата за вонредно повикување на работа
Железничкиот сообраќај, кој беше во прекин поради делумниот бојкот на машинскиот и извршниот персонал на „Македонски железници – транспорт“, од попладнево целосно се нормализира откако на вработените им е исплатен вториот дел од ноемвриската плата.

Претседателот на Синдикалната организација на машиновозачи Тони Димовски во изјава за МИА вели дека оствариле средба со државниот секретар во Министерството за транспорт Стефан Волкановски во врска со делумниот бојкот на машинскиот и извршниот персонал во „МЖ-транспорт“.
„Отворено разговаравме за проблемот и ја известуваме јавноста дека истиот е надминат, исплатен е вториот дел од платата за ноември 2025 година и се работи активно на реализирања на останатите барања на Синдикатот“,
изјави Димовски додавајќи дека „МЖ-транспорт“ останува во тесна координација со државните институции за надминување на предизвиците со кои се соочува претпријатието.
Покрај целосна исплата на платата за ноември, Синдикалната организација на машиновозачи бара и исплата на прекувремени часови, бонус-плата за над 150 прекувремени часа, покачување на коефициентот за 0,80 поради зголемени животни трошоци, како и исплата на додаток од 10 отсто на платата за вонредно повикување на работа.
