Повеќе граѓани на социјалните мрежи попладнево реагираа дека со часови седат заглавени во своите возила и не можат да поминат
Се нормализира сообраќајниот хаос кој попладнево настана на патот околу Мавровското езеро. Заглавените колони возила се расчистени и сообраќајот се одвива во зимски услови, а полициски службеници го регулираат сообраќајот од Бунец кон Леуново и ги пропуштаат возилата наизменично, пренесува МИА.
Според информациите, испратени се и возила на ЈП Македонија пат, бидејќи движењето е дополнително отежнато поради снегот.

Повеќе граѓани на социјалните мрежи попладнево реагираа дека со часови седат заглавени во своите возила и не можат да поминат. Како што пренесе „Телма“, дел од нив се жалат дека резервоарите за гориво им се при крај, а полицијата ги пренасочува да се враќаат од кај Леуново и Никифорово, бидејќи нема услови за движење од другата страна.
Од СВР Тетово за „360 степени“ потврдија дека имало застој и велат дека метежот настанал бидејќи многу граѓани речиси истовремено тргнале да си одат од Маврово. Објаснуваат дека секоја година во зимскиот период се прави кружен тек, но некои возачи не ги почитуваат препораките што доведува до поголем сообраќаен хаос. Потенцираат дека на терен се испратени дополнителни полициски екипи да го регулираат сообраќајот и дека движењето веќе се одвива со побрзо темпо.