Медиумите јавуваат дека студентската колона, која ќе биде придружувана од полиција, ќе ја обезбедуваат земјоделци на трактори и моторџии
Студентите од белградските факултети, денеска околу 10:30 часот, тргнаа на протестен марш кон Нови Сад за да им дадат поддршка на своите новосадски колеги кои на 1 февруари, кога се навршуваат три месеци од несреќата на железничката станица во тој град, најавија блокада на сите градски мостови.
Студентскиот собир започна на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград, од каде што студентите се упатија кон Универзитетот за криминалистика и полиција, каде, како што беше најавено, ќе застанат 15 минути за да им оддадат почит на загинатите во уривањето на натстрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад.
Медиумите јавуваат дека студентската колона, која ќе биде придружувана од полиција, ќе ја обезбедуваат земјоделци на трактори и моторџии.
Предвидено е студентите да направат неколку паузи за време на маршот, како и да преноќат во Инџија.
Студентите во блокадата ги повикаа граѓаните да им се придружат, со сопствена организација на потребните ресурси.
Белградските студенти најавија дека и утре со велосипед ќе патуваат за Нови Сад.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ утринава изјави дека припадниците на тој ресор „целосно ќе ја обезбедат“ рутата на студентскиот марш од Белград до Нови Сад.
Протестите во Србија започнаа по уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад пред речиси три месеци, кога загинаа 15 лица. Тогаш студентите изнесоа четири барања.
Првото барање е да се објави комплетна документација за реконструкцијата на железничката станица, за да се утврди одговорноста за несреќата.
Второто барање на студентите е напаѓачите на демонстрантите на протестите, кои уследија по трагедијата во Нови Сад низ Србија, да бидат идентификувани и кривично гонети.
Тие бараат и ослободување на уапсените активисти на протестите и запирање на кривичната постапка против нив.
Четвртото барање е зголемување на буџетот за високото образование за 20 отсто.
На протестите во Нови Сад во понеделникот вечерта се случи напад врз студентите во Нови Сад, во кој една девојка беше тешко повредена, а кај неколкумина други беа констатирани полесни повреди.
За поддршка на повредените студенти вчера во неколку градови во Србија се одржаа протести.
Нови протести во Србија по синоќешниот напад на новосадските студенти
