Министрите за надворешни работи на Европската Унија ќе се состанат денес во Брисел за да разговараат за војната во Украина и ситуацијата на Блискиот Исток. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ќе се придружи на состанокот преку видеоповик
Се надевам дека ќе биде усвоен 18. пакет санкции кон Русија, изјави високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедноста политика Каја Калас пред денешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, на кој треба да се разговара за војната во Украина и состојбата на Блискиот Исток.
„Се надеваме дека ќе постигнеме политички договор за 18. пакет санкции. Многу сме блиску. Се надевам дека тоа ќе се случи денеска“,
изјави Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Ги поздрави најавите од Соединетите Американски Држави (САД) за испорака на оружје за Украина изразувајќи оптимизам дека ќе продолжат и дека Киев ќе го добие сето она што му е ветено.
„Добар знак е дека САД, почнаа да сфаќаат оти Русија не сака мир. Треба да ја поддржиме Украина и треба да извршиме притисок врз Русија. Се надевам дека и САД ќе дејствуваат со свој пакет санкции или царини, така што ќе се изврши притисок врз Русија да ја запре оваа војна“,
кажа таа.
Предложените казнени мерки што ги обелодени Европската комисија во јуни се насочени кон финансискиот и енергетскиот сектор на Русија, како одговор на одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на безусловно примирје во Украина.
Покрај војната во Украина, Калас посочи дека една од темите на разговорот ќе биде и состојбата на Блискиот Исток, односно за Газа и за договорот со Израел за подобрување на хуманитарната состојба, која ја оцени за многу лоша.
„Ќе разговараме за Газа и ситуацијата таму. Постигнавме заеднички договор со Израел за навистина да ја подобриме ситуацијата на терен, но не станува збор за хартија, туку за нејзино спроведување. Значи, гледаме некои позитивни знаци кога станува збор за отворањето на граничните премини. Почнува реконструкцијата на далноводите, снабдување со вода, а пристигнуваат и повеќе камиони со хуманитарна помош. Но, секако, треба да видиме вистинско подобрување за луѓето на терен“,
вели високата претставничка на ЕУ.
На состанокот посочи и дека ќе се разговара и за Иран бидејќи во интерес на ЕУ е да продолжат дипломатскиот пат и преговорите.