Судијката во Врховниот суд вели оти законот бил предаден навреме, уште во јуни, и оти се надева дека ќе добие приоритет бидејќи е значаен, затоа што е спомнат како една од обврските кои државата мора да ги спроведе

Јас се надевам оти Законот за Судски совет ќе добие приоритет бидејќи е значаен и е спомнат како една од обврските кои мора да ги спроведеме, вели судијката во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска, во контекст на годишниот извештај на Европската комисија за земјава.
Според неа, во подготовката на законот работеле повеќе експерти, професори, судии, кои ги следеле препораките на Оценската мисија на ЕУ, и тоа пред сè во делот што значи подобрување на практиките на Судскиот совет, иако направиле обид да ги вклопат сите коментари и забелешки.
„Покрај новото мислење на Венецијанската комисија, коешто се однесува на овој предлог на закон, ние го консултиравме и мислењето од 2019 година. Сакавме да видиме што е тоа што тогаш го кажала Комисијата, а било земено предвид или не било земено предвид. Ја користевме и праксата на Европскиот суд за човековите права во однос на предмети поврзани со работата на Судскиот совет, разрешувањето судии, и исто така ги користевме мислењата од ГРЕКО, од други работни тела, како што е консултативниот комитет на судии од Советот на Европа“,
кажа таа.
Лазарова-Трајковска рече оти се водело сметка за постапката за одговорност на членовите на Судскиот совет, нешто што претходно не било уредено и регулирано со закон, постапките за одговорност и разрешување член на Судски совет, зголемување на транспарентноста во процесот на избирање членови на Советот од пријавените кандидати, а се работело и на подобрување на постапката за изборот на членови.
Дополнително, рече оти се работело и на постапката за одговорност на претседателот на Судскиот совет, инспирирани од случувањата во советот во 2023 г. и 2024 г., проследени со јасни насоки од Оценската мисија на ЕУ и во делот на жалбената постапка во однос на разрешувањето судии.

„Затоа што ние имаме сериозен проблем во однос на дисциплинската одговорност на судиите, имаме ситуација кога се оди многу често на директно разрешување на судиите и нема некаква примена на дисциплински мерки по градација, па да се оди со опомена, со парична казна, туку најчесто судиите директно се разрешуваат. Па, така ние сега пред Европскиот суд за човекови права имаме некаде околу 22 предмети, можеби и повеќе со последните разрешувања, и затоа водевме сметка жалбената постапка овде да помогне судиите да ги остварат дел од правата“,
кажа таа.
Судијката вели оти законот бил предаден навремено, уште во јуни, и оти се надева дека ќе добие приоритет бидејќи е значаен, затоа што е спомнат како една од обврските кои државата мора да ги спроведе. Во однос на пристапот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која рече дека ќе го почека новиот закон за Судски совет пред да предложи нови кандидати за членови, Лазарова-Трајковска вели дека ја разбира, бидејќи во новото решение вградено во законот од страна на експертската група се заоструваат критериумите, а истовремено се остава простор да се номинираат кандидати од академската средина на поинаков начин компарирано со сегашното законско решение.
„Мислам дека мотивот е токму во тоа, да се предложат кандидати за членови на Судскиот совет коишто ќе го поминат филтерот којшто овој закон го нуди во однос на зајакнување на критериумите со цел да се добијат квалитетни кандидати. Јас не спомнав, меѓутоа ние таму вградивме и критериуми дека кандидатите не смеат да бидат членови на политички партии во последните четири години, не само во моментот на кандидирањето. Сакаме да го ослободиме Судскиот совет од влијанието на политиката преку предлагање на членови на Судскиот совет“,
рече Лазарова-Трајковска.
Дополнително, таа рече дека Македонија има најголем број случаи на разрешени судии пред Европскиот суд за човекови права и оти тоа е јасен показател дека некаде постои проблем.
„Не е возможно ако вложувате во еден судија 30 години, а не е фатен да врши кривично дело, туку направил повреда со тоа што не се изземал во постапка ненамерно, имавме такви ситуации, и веднаш да се оди на разрешување. Тоа се предмети коишто во другите земји се решаваат поинаку“,
изјави судијката на Врховниот суд.
