Во Елбасан приврзаници на Демократската партија убија активист на Социјалистичката партија, што предивика жестоки реакции од американската амбасадорка во Тирана
Предизборната кампања во Албанија за парламентарните избори што ќе се одржат в недела е при крај. За неа не може да се каже дека помина без проблеми, особено последнава недела кога се регистрирани многу инциденти, а еден од нив, кога во Елбасан се судрија две милитантни групи, заврши со смртни последици.

Убиен е Пјерин Џувани, активист на владејачката партија. Во него пукале приврзаници на опозициската Демократска партија со „изговор“ дека тој купувал гласови.
Според албанските власти, лицата кои го убиле Џувани се поранешни полицајци, припадници на специајалните сили, кои формирале т.н. група за заштита на слободата на гласање и кои во многу градови на Албанија се движат вооружени.
Немилиот настан во Елбасан предизвика многу реакции, а особено гласни беа странските амбасади во Тирана.
Американската амбасадорка во Албанија, Јуриј Ким денеска на социјалните мрежи повика да се престане со инцидентите.

„Овој инцидент не треба да се користи за злонамерни напади од едната или од другата страна, за разгорување на емоциите кај приврзаниците. Наместо тоа, тој треба да ги поттикне сите лидери да размислат за тоа како можат да ја поведат земјата далеку од минатото и кон подобра иднина“,
напиша амбасадорката Ким.
Но, инцидентите не завршија тука. Вчера еден албански медиуми објави видео од градот Дебар во Албанија, како поддржувачите на ДП запираат автомобил во кој има две лица, за кои се сомневаат дека се од владејачката партија на Еди Рама кои купуваат гласови.
По овој настан кандидатот за пратеник на Демократската партија во Дебар, Џелал Мзиу на една средба со граѓани од ова област побара од нив, доколку знаат дека некој прави поткуп да го пријават во штабовите и дека ќе завршат како и тој во Елбасан.
„Од денес па натаму формираме групи. Секој сомнителен човек што ќе го забележите во вашите населби доволно е да се јавите на еден телефонски број и ќе завршат исто како и тој од Елбасан“,
вели кандидатот за пратеник, Мзиу.
По ваквата изјава, тој потоа се извини и изрази жалење за својот, како што го нарече „непотребен коментар“, правдајќи се со силните емоции во моментот, истакнувајќи дека е против секаков вид на насилство.
Но во меѓувреме, полицијата веднаш му поднесе кривична пријава.
„Кандидатот Мзиу упати закани и повици за време на предизборниот митинг во општина Дебар да поттикне насилство, најавувајќи групи кои наводно го штитат гласот на народот“,
се вели во сопштението на полицијата.
На ова реагираше и премиерот и претседател на Социјалистичката партија Еди Рама кој меѓу другото напиша: „Кој доаѓа на власт убивајќи, насилнички и со закани, исто така ја практикува и власта – убивајќи, со насилство и со закани“.
На ова повторно реагираше американската амбасадорка во Тирана која напиша дека насилството предизвикано во Елбасан оваа недела не може да биде оправдано и дека и е мило што кандидатот за пратеник во Дебар се извинил.

„Мило ми е што гледам извинување од Дебар. Насилството предизвикано во Елбасан оваа недела не може да биде оправдано, не треба да се повтори. Деновите на вооружени групи кои и го чуваат грбот на некоја политичка партија и ‘патролираат’ по улиците се минато – грдо минато кое сите мора да го отфрлиме“,
напиша амбасадорката Ким.

За изборите во Албанија кои ќе се одржат в недела, се огласија и премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Заев ги повика Македонците во Албанија на 25 април да гласаат за Социјалистичката партија на Еди Рама и за македонскиот кандидат Васил Стерјовски, додека, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика да гласат за партијата ЛСИ на Моника Круемади и нивниот кандидат за пратеник Панди Јани од Пустец.