„Законот за здравствена заштита, делот што ги дефинира овие процеси, ќе има дополнителен дел што во Европа, ако не се лажам, се вика ‘грин лајн’ – ако има недостаток на нешто, има друга процедура со која ќе може пациентот да ги добие тие здравствени услуги, а институцијата ќе може по таа друга процедура да дојде до тој лек“, вели министерот за здравство

Министерот за здравство Азир Алиу во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека приоритет на Министерството била децентрализација на онколошките услуги во државата, а почнале со клиниките и здравствените институции што имаат соодветни кадри и инфраструктура.
„И сега имаме веќе функционални одделенија во Битола и во Тетово. Во ‘8 Септември’ сè е средено, значи веќе тој процес административен за добивање на лиценца е завршен и ценам дека за брзо време, недела-две, ќе треба и таму оперативно да имаме онколошки услуги на ниво на амбуланта, со тоа што, нормално, ќе требаат да поработат уште малку колегите од ‘8 Септември’ за имаат поширока палета на онколошки услуги таму. Но, за среќа, еве Тетово и Битола веќе имаат. Штип исто така ќе биде, сè уште е рана фаза таму, ќе треба да се инвестира инфраструктурно. Идејата е на онколошките пациенти да им нудиме онколошка услуга поблиску во регионот во кој живеат“,
вели Алиу.
Прашан за недостатокот на терапија, за што јавно се слуша речиси секојдневно, Алиу рече дека се јавува поради процедурите.
„Значи, терапијата недостига поради тие процеси што се строго дефинирани во законот за отворање постапка до завршување на постапката и често ни се случува да бидат неуспешно завршени, па треба од почеток да се отвори постапка за тип на лек или за некоја друга услуга. И вториот момент е поради увозниците. Често и тоа ни се случува – постапката е завршена успешно, тој лек моментално не е увезен во нашата земја и чекаме недела-две, бидејќи, нели, и таму има административни процедури, да можат да завршат за да може да се требува и да биде дел од здравствениот систем“,
вели министерот.
На констатацијата дека сега одговара на суд некој што работел со реверси за време на претходната владејачка гарнитура, а објаснувањето е дека тоа се правело за да нема недостиг на терапија, и дека отсуството на терапија не е безначајна работа, Алиу рече дека се работи на менување на законската легислатива.
„Дефинитивно, затоа реков дека менуваме 12 закони. Законот за здравствена заштита, делот што ги дефинира овие процеси, ќе има дополнителен дел што во Европа, ако не се лажам, се вика ‘грин лајн’, ако има недостаток на нешто, има друга процедура со која ќе може пациентот да ги добие тие здравствени услуги, а институцијата ќе може по таа друга процедура да дојде до тој лек. Така што, ќе биде дефинирано и ќе се јасно дефинирани постапките во тој закон, па ценам дека тогаш ќе имаме појасна слика инфраструктура што во реално време ќе нуди услуги“,
додаде Алиу.
