Родителите и роднините на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ на денешниот „Марш на ангелите“ му забележаа на в.д. градоначалникот дека повеќе не доаѓа да маршира со нив, но и дека ги навредил со намерата да организира забава со музика по повод Петровден. На маршот имаше критики и кон пратениците и локалните советници
Градоначалникот на Кочани се обрати доцна вечерва. Прво се извини ако дел од програмата за Петровден повредила некого. Објасни и зошто не дошол на маршот. Потоа, во дел од обраќањето, вели дека сака да го зачува достоинството на градот, но и дека треба да се создаде простор за напредок и развој, за животот што мора да продолжи особено за младите
„Се извинувам доколку со мојот потег за музичкиот дел од програмата за Петровден несвесно сум повредил некого“, го почнува своето обраќање в.д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски, до родителите и семејствата на загинатите во „Пулс“. Поводот е денешниот „Марш на ангелите“, на кој дел од родителите го критикуваа дека решил да организира забава и музика за одбележувањето на Петровден.
А, потоа, реагира на прозивките дека од скоро престанал да маршира заедно со родителите и роднините.

Свесен сум дека постоеја и јавно изразени ставови од некои граѓани дека не треба да присуствувам на „Маршот на ангелите“. За жал, притоа бев навредуван со клетви и погрдни зборови. Иако тоа длабоко ме потресе како човек, не им го земам за зло. Ја разбирам болката што стои зад тие зборови. Кога ќе изгубиш најмил, зборот често станува крик, а тишината товар кој тешко се носи.
соопшти Крстевски.
Понатаму, објаснува Крстевски, како в.д. градоначалник својата улога ја гледа не само како административна туку и како човечка. Да биде со сите граѓани, да слуша, разбира и дејствува.
Сакам да го сочуваме достоинството на градот, но и да создадеме простор за напредок и развој, особено за младите, за животот што мора да продолжи, со сите негови тешкотии и светлини.
Ве повикувам заедно, со разум и одговорност, да започнеме промена на системот кој со години ја подрива довербата и безбедноста во нашата заедница. Трагедијата од 16 март не беше несреќа, беше последица на долгогодишна негрижа на државните институции.
пишува Крстевски.
На крајот, тој се извинува уште еднаш и вели дека останува отворен за дијалог, со желба и волја да се чекори напред заедно.
Повеќе детали за денешниот „Марш на ангелите“ и пораките испратени од него, прочитајте на линкот подолу.