Претходно, подолго траеше само карантиното за Велигден, кој беше и за целата територија на државата
Почна полицискиот час за граѓаните на сите општини во градот Скопје, околните скопски општини , Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, како и во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.
Забраната за движење на граѓаните во овие општини ќе трае 80 часа, односно до понеделник до 05 часот.
Во другите општини во земјава забраната за движење, која почна во 21 часот ќе важи до 05 часот утре наутро. Забрана за движење ќе има и во другите денови од продолжениот викенд, но ќе почнува во 16 часот и ќе трае до 05 часот наутро.
Поради претстојниот празник Задушница и Духовден забрана е воведена и за посета на гробиштата на целата територија на државата и тоа од вечерва од 21 часот до понеделник до 05 часот.
Одлуката за повторно воведување забрана за движење е донесена согласно со препораките на Комисијата за заразни болести, со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот. Забрана за движење на териорија на цела држава имаше до 26-ти минатиот месец, кога беше целосно укината.
Претходно, подолго траеше само карантиното за Велигден, кој беше и за целата територија на државата.
За време на периодот за кој е донесена оваа одлука за забрана за движење, аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоци од забраната за движење има за полицијата, армијата, здравствените работници и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи.
Отстапките од овие забрани се однесуваат и за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.
Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.
Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 08:30, 15:00 до 15:30 и 20:00 до 20:30 часот.