Свеченоста по повод потпишувањето на договорот се одржа на железничката станица „Ѓуешево“, а на неа присуствуваа претставници на Европската комисија (ЕК), НАТО, на Соединетите Американски Држави (САД), на Европската инвестициска банка, на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и претставници на Светска банка. На церемонијата присуствуваше и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер
Вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски, и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов денеска го потпишаa Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8, пренесува МИА.

Со тоа, двете земји ги дефинираат активностите и меѓусебните обврски за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
Свеченоста по повод потпишувањето на договорот се одржа на железничката станица „Ѓуешево“, а на неа присуствуваа претставници на Европската комисија (ЕК), НАТО, на Соединетите Американски Држави (САД), на Европската инвестициска банка, на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и претставници на Светска банка. На церемонијата присуствуваше и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.
Инаку, проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија, а другите 1,2 километри на бугарска.
По потпишувањето, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека овој договор е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале, нешто за што се учело додека сме биле деца, дека двете држави, двата главни града, Софија и Скопје, треба да се поврзат со железничка врска.
„Железничкиот Коридор 8 е еден од најважните трансевропски транспортни коридори, кој има стратешко, економски и геополитичко значење за целиот Балкан и за цела Европа. Историјата сакаше јас и вицепремиерот Караџов да го потпишеме“,
рече Николоски.
Според него, ова е коридор и од безбедносно значење, во услови кога во 21 век се случува војна недалеку воздушно од тука, агресијата врз Украина. Овој коридор за нашата држава е од големо значење, бидејќи ја поврзува земјата со две мориња.
Како што посочи, првата делница, во должина од 31 километар, помеѓу Куманово и Бељаковце е завршена и е ставена во функција од јануари годинава. Во моментов се работи на втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка, во должина од 34 километри. Рокот за изградба е октомври 2026 година.
„Морам да кажам дека не сум задоволен од изведувачите, но со нашите партнери од ЕВРД ќе бараме заедничко решение како да го надминеме овој проблем“,
рече Николоски.
За третата фаза од Крива Паланка до границата очекува дека во текот на следниот месец да се објави меѓународен повик за избор на изведувач и избор на надзор, со силна работа на ЈП „Железници – инфраструктура“, со ЕИБ, ЕБРД, и со ЕУ. Должината на оваа делница изнесува 34 километри.
Најави дека за брзо време ќе го покани и вицепремиерот Караџов во Македонија на завршувањето на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, како и на отпочнување на градежните работи на пругата од Крива Паланка до границата.
Неговиот бугарски колега, Гроздан Караџов, пак, рече дека овој ден е од исклучително значење, оти се исполнува сон на многу генерации.
„Отвораме, возобновуваме железница стара 100 години. Нам ни падна честа со Николоски да го реализираме овој проект“,
кажа тој.
Според него, иако проектот е одложен повеќе од еден век, сега се очекува железничкото поврзување да биде целосно завршено во следните две години.
Имплементацијата на трасата ќе придонесе за економски и финансиски развој на регионите од двете страни на границата.
„Ова е многу посакуван проект од сите наши сонародници, особено од луѓето кои тука, кога железницата пристигна во 1942 година, се надеваа дека ќе продолжи. Но, од 1942 година, 83 години подоцна, таа остана дотука, до оваа железничка станица. Тука линијата се прекинува. И еве нè денес, по толку години, за прв пат, повеќе од еден век подоцна, се случува една поделена европска визија, врежана во Коридорот 8“,
кажа тој.
Посочи дека на овој начин ќе се приближат граѓаните на двете земји.
„Ќе ја истакнам нашата заедничка желба железничката врска Софија – Скопје да биде возот на нашата европска линија. Судете по нашите дела“,
заклучи Караџов.
Шефицата на Директоратот за Западен Балкан на Европската комисија рече дека договорот е важен за двете држави, но и за целиот регион.
„ЕУ ја поддржува соработката меѓу двете земји и обезбедува финансии за имплементација на проектот. Изградбата на тунелот ќе донесе социјален и економски бенефит за регионот“,
кажа таа.
Во однос на финансиската конструкција на целиот источен Коридор 8 од двете страни, и двајцата вицепремиери посочија дека средствата се обезбедени.
Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој, на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување.
На средината на јули годинава македонската и бугарската делегација во Брисел одржаа заеднички состанок на кој беше најавено дека ќе биде распишан тендер за третата делница од Бугарија. За заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договорија да формираат работни групи за финализирање на текстот на меѓувладиниот договор за отпочнување на градежните работи на почетокот на следната година.
