Вредноста на договорот на Железници – Инфраструктура со „ИРД Инженеринг“ е сума која Филипче ја троши отприлика за 5 дена на јахта, вели Николоски

Во двете железнички претпријатија преку 3 000 луѓе се без плата, а вредноста на договорот на Македонски Железници – Инфраструктура со „ИРД Инженеринг“ е сума која Филипче ја троши за 5 дена на јахта.
Вака министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, од позиција на потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 4, денеска на митинг во Ново Село ја коментираше реакцијата на СДСМ кои вчера обвинија дека власта склучила договор со фирма, за која, додека биле во опозиција тврделе дека е криминална.
,,И велат еве тоа е доказот, дека тоа што го правеле додека биле на власт било добро, затоа што и ВМРО-ДПМНЕ со истата компанија потпишала договор. И се фатија за железница која што ја оставија минатата година опустошена. Во двете железнички претпријатија преку 3 000 луѓе без плата. Случајно или не, Венко Филипче вчера заборави да го спомене главниот во целата таа композиција, во целиот тој конзорциум како што го нарекуваа. Оној кој што имаше фабрика за долен веш, ама наеднаш почна да добива работа за надзор на изградба на автопати. И случајно или не, вчера заборави Сотир Ампов да го спомене, неговото семејство и двете нивни фирми коишто случајно или не, обвинителството еве една година одбегнува да ги истражува. Би сакал да ги повикам конечно да почнат тоа да го прават“,
вели Николоски.
Вчера СДСМ објави дека на 19 септември Македонски желеници – Инфраструктура склучиле договор за надзор со „ИРД инженеринг” вреден 55 илјади евра. Договорот е објавен на Електронскиот систем на јавни набавки. Се однесува на надзор на изведба на градежни работи за санација на делници од пругата.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од кампања во Свети Николе вчера го праша премиерот дали е криминалец што склучил договор со ИРД?
„ИРД инженеринг“ и надзорот на „Бехтел и Енка“
Инаку, актуелната власт претходно ја обвинуваше компанијата „ИРД инженеринг“ дека е „лош надзор“ над изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“.
Минатата влада, пак, ја претстави „ИРД инженеринг“ како италијанска фирма со огромно искуство во надзорот на големи проекти. „ИРД инженеринг“ беа избрани на јавен повик за избор на надзор над изградбата на автопатските делници од проектот со „Бехтел и Енка“. Успеаја да победат во конзорциум со неколку домашни фирми откако првиот тендер за истата работа пропадна бидејќи се покажа дека првично избраната фирма има сомнителни капитални врски со Русија.
Во однос на надзорот на „Бехтел и Енка“, серија истражувања на „360 степени“ покажаа дека една компанија, поточно компании на татко и син, ги поврзува и избраниот конзорциум во пропаднатиот тендер и избраниот конзорциум на „ИРД инженеринг“ во успешниот тендер.
Потоа, испадна дека таа фирма до скоро шиела долна облека, а извадила лиценца за надзор откако била отворена тендерската постапка. Истата фирма навела дека има вработено десетици инженери, но тие всушност биле „позајмени“ на плус од 40-те часови што ги работеле во други фирми. А според јавно достапните документи, токму таа фирма, „Електра солушнс“, треба да заврши најголем дел од работите на надзорот.
Всушност, она што беше најавувано како „странски“ надзор од Европа, се испостави дека е работа која ќе ја вршат 81 експерт од кои само пет се странци и тоа од балкански земји. Поединечните трошоци за некои од тие експерти одеа и до сума од 300 000 евра, според јавно достапните документи од договорот.
Во интервју за неделникот „Фокус“, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски лани кажа дека мора да се истражи како конзорциумот на „ИРД инженеринг“, во кој е и „Електра солушнс“, го доби тендерот за надзор, кој патем чини 22,3 милиони евра без ДДВ, во конкуренција на фирми за надзор од САД и од Франција.