Американската армија по воздушен пат го евакуирала персоналот од Амбасадата на САД во Хаити, со цел да ја зајакне безбедноста на Амбасадата додека во земјата трае вонредната состојба. Како што пренесува Ројтерс, во соопштение на Американската јужна команда се наведува дека САД остануваат посветени на поддршката за полицијата на Хаити, на плановите за распоредување на мисија на Обединетите нации, како и мирна транзиција на власта преку слободни и фер избори.

На Хаити минатата недела е прогласена вонредна состојба по ескалацијата на насилството помеѓу вооружените банди кои бараат оставка од премиерот Аријел Анри.
Претходно, портпаролот на Американската јужна команда, Мејсон Енглхарт, истакна дека САД размислуваат и за испраќање на маринци на Хаити.