Согласно предвидената динамика, целосното пуштање на новиот радар во оперативна употреба се очекува во јуни 2026 година

Започна процесот на демонтажа на стариот и неупотреблив радар на меѓународниот аеродром „Скопје“, како и подготовка за инсталација на новиот, современ Мод S радар . Од М-НАВ информираат дека оваа процедура нема да има никакво влијание врз одвивањето на авиосообраќајот.
Процесот на демонтажа следи по одржаниот состанок на 1 декември 2025 година со тимот на компанијата „Леонардо“ и ангажираните домашни подизведувачи.
Од М-НАВ посочуваат дека оваа фаза е клучен чекор во рамки на големиот проект за модернизација на системите за надзор на воздушниот сообраќај во земјата.
Оттаму велат дека проектот се реализира со висок степен на координација и експертиза на стручниот и технички персонал, кој има клучна улога во реализацијата на овој комплексен проект.
По завршувањето на демонтажата, ќе следуваат градежни активности за поставување на новата конструкција, а потоа и инсталација на новиот Мод S радар.
„Новиот радар значително ќе ја унапреди безбедноста и ефикасноста на управувањето со воздушниот сообраќај“,
се наведува во соопштението на М-НАВ.
Согласно предвидената динамика, целосното пуштање на новиот радар во оперативна употреба се очекува во јуни 2026 година.
Менаџментот на М-НАВ истакна дека, во тесна соработка со Владата и Министерството за транспорт, остануваат посветени на конечно завршување на стратешките проекти кои со години „тапкале во место“, со цел да се обезбеди модерна, безбедна и функционална воздухопловна инфраструктура.
