Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку социјалните мрежи информира дека градските служби реагирале навремено. Според него, клучните сообраќајници се безбедни за движење

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје од рано утрово се на терен со цел да овозможат проодност за пешаците и безбедно одвивање на сообраќајот низ главниот град. Со рачно и машинско чистење се опфатени сите скопски општини, со посебен фокус на најфреквентните точки.
Работните активности се концентрирани на плоштадот и улицата „Македонија“, помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, како и Старата скопска чаршија.
Екипите работат и на расчистување на снегот околу старата Градска болница, просторите околу Владата и Собранието.
На мостовите „Гоце Делчев“, „Слобода“ и на сите пешачки мостови се фрла сол за да се овозможи безбедно движење.
Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека нивните екипи ќе продолжат со активностите на терен.
„Активностите за расчистување на снегот и мразот ќе продолжат во текот на целиот ден, но и во претстојната ноќ, во согласност со состојбата на терен“,
соопштуваат од претпријатието.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку социјалните мрежи информира дека градските служби реагирале навремено. Според него, клучните сообраќајници се безбедни за движење.
„Со навремена и организирана реакција, градските служби од раните утрински часови интервенираа ефикасно на сите клучни булевари и улици под надлежност на Град Скопје. Со употреба на повеќе од 300 тони сол обезбедивме безбедно и непречено одвивање на сообраќајот“,
вели Ѓорѓиевски.
Снегот што утринава го имаше во Скопје беше причина за сообраќаен хаос во главниот град. Скопјани денеска одејќи на работните места и во училиштата затекнаа неисчистени булевари и улици.
