Сведоците велеле дека до понеделник вечер, помалку од еден ден по првиот земјотрес, можеле да слушнат гласови и повици за помош од луѓето затрупани под урнатините на зградите. Од вторникот наутро над урнатините на Пазарџик владеела тишина
Мирис на трупови, делови од тела извлечени од под урнатините на зградите срушени од разорните земјотреси што ја погодија Турција. Ова е сликата на која сведочат спасувачите во градот Кахраманмараш. Тие за „Гардијан“ изјавиле дека повеќето од луѓето што ги нашле под урнатините биле мртви и изразиле надеж дека две лица сè уште се живи под урнатините.

Мехмет Боскерт со голи раце копал по урнатините со надеж дека ќе ги најде живи братот и снаата.
„Откако успеав да се извлечам од урнатините кога мојата куќа се урна, дојдов овде да се обидам да ги најдам. Можам само да се надевам, но изгледа дека е доцна. Екипите за итни случаи пристигнаа предоцна, а ги донесоа само овие спасувачи денес. Се надевам дека ќе можам да направам нешто“,
рекол тој за „Гардијан“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера го посети Кахраманмараш за да се сретне со преживеаните кои сега живеат во шатори на градскиот стадион. Тој вети финансиска помош и надомест за поправки.
Во меѓувреме, луѓето се завиткани во ќебиња додека бараат засолниште во локалниот парк, именуван по денот кога владата на Ердоган го одби обидот за државен удар, пишува британскиот весник во својата репортажа.
Ердоган најави дека ќе бидат изградени нови куќи во рок од една година во 10-те провинции погодени од земјотресот, но даде неколку дополнителни детали, вклучително и како новите градби би можеле да се заштитат од идни потреси.
Додека тој зборувал, екипите за спасување во Кахраманмараш продолжиле да ги пребаруваат урнатините, често наоѓајќи само делови од тела.
„Се обидовме да ги идентификуваме луѓето, но многу тела беа со толку многу повреди што имавме проблеми да ги идентификуваме. Во еден момент најдовме само рака, моравме да им ја покажеме на некои семејства за да се обидеме да ја идентификуваме“,
изјавил еден од волонтерите.

Во оддалечениот град Пазарџик, уште една станица на турнејата на Ердоган, Хасан Читак сè уште имал надеж дека неговите родители и брат ќе бидат пронајдени живи под нивната уништена станбена зграда.
„Овде сум од земјотресот и чекам брзата помош да помогне. Имаме надеж, чекаме“,
рекол тој.
Оние што живеат во Пазарџик, град недалеку од епицентарот и град кој силно ја поддржува опозицијата на Ердоган, рекле дека се огорчени од времето потребно за да пристигнат спасувачите од државната агенција АФАД.
„Пристигнав рано утрово. Извлекував луѓе од урнатините. Некои од телата беа замрзнати од студот. Не верувам дека има надеж да се најдат живи луѓе”,
рекол спасувачот Уфук Акѓун.
На споредниот пат во близина на местото каде што бил Ердоган, спасувачи пребаруваат по урнатините на една семејна куќа.
„Таму долу имаше осум лица, еден повреден и седум загинати. Се обидуваме да најдеме двајца за кои се надеваме дека се живи. Нема власт во оваа земја. Нема ништо овде со денови, владата дава помош само на места кои гласаат за нив, тие не испраќаат помош во селата“,
рекол спасувачот Мехмет Али.

Сведоците велеле дека до понеделник вечер, помалку од еден ден по првиот земјотрес, можеле да слушнат гласови и повици за помош од луѓето затрупани под урнатините на зградите. Од вторникот наутро над урнатините на Пазарџик владеела тишина.
„Првите служби за итни случаи на АФАД пристигнаа 24 часа по земјотресот. Пред да стигнат овде, само работниците и пожарникарите се обидуваа да ги извлечат луѓето од под урнатините. Но, за тоа се потребни професионалци. По првиот земјотрес, побрзав во куќата на мојот пријател и го слушнав неговиот глас под урнатините. Еден ден подоцна веќе не можев да го слушнам. Ако брзата помош пристигнеше порано, ќе можеа да го спасат“,
изјавил еден граѓанин за „Гардијан“.