До инцидентот дошло кога вработените во погребното претпријатие ги забележале приведените во близина на едно гробно место, а бидејќи им биле познати од претходно како извршители на тешки кражби, вработените ги предупредиле дека ќе повикаат полиција

Татко и неговите двајца синови се приведени откако вчера на гробиштата во Бутел нападнале двајца вработени на погребното претпријатие, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Настанот се случил вчера околу 12:40 часот кога вработените во АД „Бутел“, 51-годишниот Е. Д. и 54-годишниот М. Д. ги забележале приведените во близина на едно гробно место. Бидејќи напаѓачите им биле познати од претходно како извршители на тешки кражби, вработените ги предупредиле дека ќе повикаат полиција.
Наместо да се повлечат, тројцата напаѓачи физички ги нападнале вработените користејќи гасен пиштол, нож и боксирач.
Во нападот, Е. Д. и М. Д. се здобиле со телесни повреди, кои биле констатирани во болницата „Св. Наум Охридски“.
Подоцна во текот на денот полициски службеници ги пронашле и ги привеле А. М.(48) и неговите синови Ј. М.(26) и Б. М.(27), сите од Скопје.
„Лицата се задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат од Секторот за внатрешни работи Скопје.
