По извршувањето на делото, осомничениот самиот се јавил на бројот за итни случаи 112 и го пријавил настанот

Основното јавно обвинителство Штип започна истражна постапка против 54-годишен маж, кој е осомничен за убиство на својата мајка. Кривичното дело, убиство по член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, се случило рано утрово во семејниот дом на улицата „Страшо Пинџур“ во Штип.
Според обвинителството, осомничениот по вербална расправија, под дејство на алкохол (со 2,43 промили), со ловечки нож и нанел убодна рана во пределот на вратот на неговата мајка, родена 1941 година. Жртвата искрварила до смрт.
По извршувањето на делото, осомничениот самиот се јавил на бројот за итни случаи 112 и го пријавил настанот.
Јавниот обвинител доставил предлог до Основниот суд во Штип за определување мерка притвор за осомничениот.
Денеска од Секторот за внатрешни работи Штип информираа дека е приведен 54-годишниот С.З. кој околу 2 часот по полноќ со остар предмет ја нападнал својата 84-годишна мајка.
Оттаму додадоа дека по целосно расчистување на случајот, против мажот ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка по членот 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик кој предвидува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор за убиство при вршење семејно насилство.