Барањето е испратено по одлуката на Владата на Федерацијата БиХ, според која, поради обемот на поплавите, е потребна меѓународна помош и доставен е список на најнеопходната опрема и средства
Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина побара меѓународна помош од Европската Унија за справување со последиците од поплавите.
„Преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, денеска е испратено барање за меѓународна помош за санација на последиците од поплавите и свлечиштата што ги погодија неколку општини во БиХ“,
соопшти Министерството за безбедност.
Барањето е испратено по одлуката на Владата на Федерацијата БиХ, според која, поради обемот на поплавите, е потребна меѓународна помош и доставен е список на најнеопходната опрема и средства.
„Министерството за безбедност на БиХ е во постојан контакт со претставници на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ во Брисел, со цел подготвената помош која ќе биде испратена до БиХ да стигне што полесно и побрзо до жителите и општините на кои им е најпотребна во овој момент“,
се наведува во соопштението.
Министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, изјави дека Министерството ќе продолжи да ја следи состојбата на терен и ќе ја координира доставата на помош во погодените подрачја.
Босанските медиуми пренесуваат дека Јавното претпријатие „Патишта на Федерацијата Босна и Херцеговина“ синоќа санирале дел од патот кој води од правец на Мостар кон Долна Јабланица со што е овозможено пристигнување на помош.
Во ова подрачје веќе има повлекување на дел од водата и се отстранува првиот слој од насобраниот материјал, кал и камења.
Во Јабланица се пристигнати доброволци од различни делови на Босна и Херцеговина за да достават помош до загрозените граѓани, но и да им помогнат на службите во чистењето на ова место. Екипите на цивилната заштита, вооружените сили и другите служби се на терен и работат на расчистување на урнатините.