Пратеникот Талески директно посочи неколку имиња за кои тврди дека додека трагедијата уште боли, се штитат директните виновници

Власта ги штити вистинските виновници за трагедијата во Кочани, обвинија денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Пратеникот од СДСМ Миле Талески вели дека истрагата три месеци по несреќата не дава одговорност за оние кои можеле да спречат да изгорат 62 млади животи.
„Во Кочани изгореа 62 млади животи. Изгореа во дискотека која работела незаконски, под носот на институциите. Изгореа во објект кој требало одамна да биде затворен“,
рече Талески на денешната прес-конференција.
Талески рече дека младите животи изгореле „зад заклучени врати, по наредба на актуелните службеници во МВР“.
Тој нагласи дека додека родителите плачат, а државата треба да донесе правда, директните виновници се штитат од истрага.
„Три месеци по трагедијата, нема вина, нема одговорност за оние кои ако делувале вечерта, трагедијата ќе била спречена. Вистинските виновници сè уште се на слобода. Началници, инспектори, министри – сите тие кои требало да спречат се штитат во истрагата“,
рече Талески.
Од партијата прашуваат кој е одговорен за тоа што децата не можеле живи да излезат, со оглед на тоа што „наредбата со која била затворена вратата на дискотеката, клучната причина за високата бројка на жртви, до ден денес е мистерија. Никој не признава, никој не потпишал.“
Пратеникот Талески директно посочи неколку имиња за кои тврди дека се штитат.
Едно од имињата што ги спомена Талески е Дејан Салтировски, началникот на СВР Штип, кого СДСМ го обвинува дека ја дал наредбата за заклучување на вратата и дека добива политичка заштита од својот поранешен адвокат, сега министер, како и од Мицкоски.
„Драган Петрушев Казак, службеникот што ја спровел наредбата, иако знаел дека е спротивна на процедурите. Кристина Јованова, која дозволила фирма со блокирана сметка да работи на црно и да организира забави за деца. Томо Донев кој не презел ништо иако било јасно дека се користи пиротехника без дозвола“,
се останатите кои СДСМ ги посочи дека се штитат од власта.
Талески, исто така, ја посочи и фирмата „ММММ“ ДООЕЛ, која, според него, работела без дозвола за пиротехника и овластени лица, и изрази сомнеж за нејзина можна политичка заштита поради блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога државата не ги штити децата, туку ги штити оние што ги загрозиле, тоа веќе не е држава. Тоа е режим“,
рече Талески, нагласувајќи дека Обвинителството „е слепо за оние над нив“, барајќи виновници меѓу келнери, диџеи и обезбедување, но не и кај функционерите.
СДСМ најави дека нема да молчи и дека „ќе ја раскаже вистината за Кочани, секој ден, секој детал, сѐ додека не паднат маските и не се појават сите имиња – и од полициските командни штабови, и од владиниот врв.“
„Ова е масовно убиство со државен потпис и за тоа ќе има одговорност. Бараме правда за Кочани“,
додаде пратеникот Талески.