Прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, е закажана половина час пред терминот кога во Собранието треба да почне седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР) во врска со наводите за незаконско прислушување, кои вчера ја закажа претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, а на барање на пратениците и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) за денеска претпладне најави прес-конференција на која, како што велат од партијата, ќе започнат со објавување на вистината за случајот АНБ.

Најавата на СДСМ доаѓа откако актуелниот директор на Агенцијата, Бојан Христовски, и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, излегоа со наводи дека имало незаконско прислушување во периодот од 2019 до 2024 година. Ваквите наводи беа повод за меѓусебни обвинувања меѓу владејачката партија и нивниот политички опонент во опозиција.
Од опозициската партија инсистираат на декласификација на материјалите за случајот АНБ, додека од власта бараат Обвинителството да го расчисти случајот и правна разрешница и казни за, како што велат, оние што ги злоупотребувале ресурсите на Агенцијата за следење на лидерот на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а сега премиер, Мицкоски, новинари и бизнисмени.
„Зошто после речиси една недела од објавувањето на наводите за наводно следење власта не ја отпочнува процедурата за декласификација на документите со случајот АНБ? Зошто самиот Мицкоски не побара декласификација на документацијата од Агенцијата за национална безбедност во која наводно бил следен? СДСМ започнува со објавување на вистината за случајот АНБ. Кои се причините и што се крие зад бегањето на власта од декласификацијата на документите?“,
се вели во соопштението со најавата на СДСМ.
Прес-конференцијата на која ќе се обрати портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, е закажана во 10:30 часот.
Половина час подоцна, пак, во Собранието треба да почне седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР) во врска со наводите за незаконско прислушување, што вчера ја закажа претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, а на барање на пратениците и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.
Според известувањето за закажаната седница, со седницата на Комисијата ќе претседава пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, а единствена точка на дневен ред е предлог-заклучокот за вршење надзор над работата на АНБ во просториите на Агенцијата.

Ова доаѓа откако пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, завчера побара да биде свикана итна седница на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) по наводите за незаконско прислушување во периодот од 2019 до 2024 година.
Тој го повика претседателот на ова собраниското тело, Скендер Реџепи, да закаже итна седница за да се утврди точен датум за официјална посета на Агенцијата за национална безбедност, преку која ќе се изврши увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со случајот.
Претседателот на матичната собраниска комисија, Реџепи, кој е дел од опозициската коалиција „Европски фронт“, предводена од ДУИ веднаш одговори на повикот на Пренџов, но одби да свика седница со образложение дека е дискриминиран и дека не може да присуствува на неа бидејќи сè уште нема одговор на барањето за безбедносен сертификат, кое го поднел кон крајот на минатата година.
Реџепи посочи дека претседателот на Собранието има можност да свика собраниска комисија за надзор над АНБ и АР, што беше сторено вчера од страна на спикерот Гаши.
Инаку, вчера и пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска побара итно свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање.
Опозицискиот СДСМ во неколку наврати повика да се декласифицираат документите поврзани со наводите за незаконското прислушување во периодот од 2019 до 2024 година. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги обвини опозиционерите дека блефираат со барањето за декласификација сакајќи на тој начин да ги спасат организаторите на случајот.