„Идејата на власта е сите граѓани да зборуваат за забраната за пушење, сопствениците на мали локали да се грижат за својот бизнис… а никој да не зборува за криминалот на власта, тендерите, мигрантите, бизнис-интересите на (Виктор) Орбан со нов мобилен оператор“, велат социјалдемократите
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека предлог-законот за заштита од пушење е само уште еден еден обид на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да го сврти вниманието на јавноста од реалните проблеми со кои се соочува државата.

Според социјалдемократите, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ нема одговор за проблемите на граѓаните, за тешката економска состојба, обвинувањата за тендери доделени на фирми блиски до партии во власта, се пушта приказна во јавноста за дефокус.
„Идејата на власта е сите граѓани да зборуваат за забраната за пушење, сопствениците на мали локали да се грижат за својот бизнис… а никој да не зборува за криминалот на власта, тендерите, мигрантите, бизнис интересите на (Виктор) Орбан со нов мобилен оператор. Граѓаните треба да знаат дека ова служи само за дефокус. Зошто? Поради тоа што ова е усогласување со прописите на ЕУ а како сите што знаат тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ги интересира Европа. Нив ги интересира изолацијата и тендерите. Тука се и 4 000 сопственици на мал бизнис и голем број граѓани кои ВМРО не сака да ги налути“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Малите трговци, односно сопствениците на тобако-продавниците, киосците, мини-маркетите и другите мали семејни бизниси, денеска излегоа со став дека предлог-законот за заштита од пушење сериозно ќе ги погоди нивните бизниси.
Велат дека ќе ќе се соочат со сериозни дополнителни трошоци и загуби поради кои дел ќе треба да отпуштаат вработени, а дел ќе бидат принудени целосно да ги затворат продавниците.
Тие напоменуваат и за резервите на ароматизирани тутунски и никотински производи, чија продажба целосно се забранува со новиот закон. Прашуваат што ќе прават со резервите на овие производи што во моментов ги имаат во значителни количини, а за кои веќе уредно ги платиле сите давачки кон државата.
Сопствениците на вакви мали бизниси сметаат дека е неопходен поправеден систем кон нив, со процена на реалните ризици бидејќи новиот закон нуди само забрани, но не и решенија за реалните проблеми со кои тие се соочуваат.
Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предлог-законот изработен од Министерството за здравство предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.
Од Министерството за здравство велат дека новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува мерки за подигнување на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста и дека пораката што се испраќа е дека системот им помага на пушачите да се откажат од пушењето, без притоа да бидат стигматизирани.
Според ресорниот министер Азир Алиу, во предлог-законот се предвидени обврски за спроведување превентивни програми за откажување од пушењето, советувања и едукации, како и целокупна поддршка во процесот на откажување од оваа зависност.
„Зависноста од никотин претставува медицински и јавноздравствен проблем. Докажано е дека превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето, така што примарната цел на овој закон не е да казнува, туку да ги превенира штетните последици од пушењето“,
вели Алиу.
