Проекциите со кои се обидува да спинува Николоски, додаваат оттаму, секогаш зависат од расположливите ресурси, но Законот е јасен
ВМРО-ДПМНЕ и познатиот извор на лажни вести, Александар Николоски, се фокусирани на интензивно пласирање невистини и спинови околу стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10Д , реагираат оод владејачката СДСМ по обвинувањата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека 70 отсто странци ќе го градат Kоридорот 8, без работни дозволи.
„Не навлегуваме за скриените мотиви на Николоски и ВМРО-ДПМНЕ да пласираат невистини за стратешки проект и за реномирана американска компанија. Но Законот е јасен и Законот ги демантира лагите на Александар Николоски. Законот за утврдување на јавен интерес за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 е донесен во 2021 година, а објавен во Службен весник на 16 јули истата година (број 163). Во член 11, став (3), односно во делот каде се регулира ангажманот за работници од дома и од странство јасно стои обврската стратешкиот партнер да користи најмалку 51 отсто од локални ресурси“,
посочуваат од СДСМ.
Проекциите со кои се обидува да спинува Николоски, додаваат оттаму, секогаш зависат од расположливите ресурси, но Законот е јасен.
„Тоа значи дека ако нашата земја има доволно локални ресурси односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51 отсто. Во член 13 пак, во став 1 јасно стои дека ангажираните работници мора да имаат потребни дозволи за престој и работа и согласно овој специјален Закон точно е утврдена оваа процедура односно она што стои во Договорот е согласно со законот“,
велат од владејачката партија.
Откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вчера објави дека од вкупниот број работници кои ќе учествуваат во изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, само 30 отсто ќе бидат домашни, а останатите 70 проценти ќе бидат работници од странство и дека ќе се обезбедува работа на странци без работни дозволи и дозволи за престој, денеска тој на Фејсбук излезе со, како што тврди нови докази, кои се однесуваат на бројот на работници и планот за работа. Во планот, вели Николоски, дефинирано е колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни.
Во Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурните коридори 8 и 10Д, односно во т.н. Закон за „Бехтел и Енка“ во членот 11 со кој се регулира вработувањето на резиденти и странски работници за целите за спроведување на проектот, во ставот 3 јасно се наведува дека стратешкиот партнер ќе користи најмалку 51 отсто од локалните ресурси.

Во членот 13 од Законот став 1, на кој посочуваат од СДСМ, а со кој исто како и во членот 11 се регулира вработувањето на резиденти и странски работници за целите за спроведување на проектот, стои:
Член 13
(1) Релевантните локални власти ќе ги издадат сите
потребни дозволи за престој и работни дозволи во забрзана постапка и со важност во текот на целото времетраење на Проектот. На странските работници вработени за целите на Проектот ќе им биде дозволено да започнат со работа на Проектот од моментот на аплицирање за неопходните дозволи за престој и работа пред и додека чекаат, да се заврши постапката за издавање на дозволи за престој и работни дозволи.

Премиерот Димитар Ковачевски завчера рече дека 51 отсто од работите, според договорот со „Бехтел и Енка“ треба да се изведат од страна на македонски изведувачи. Во овој контекст, тој кажа оти се надева дека ќе имаме и толку работници, механизација и материјали кои ќе можат да бидат имплементирани во проектот.
„Меѓутоа голем дел ќе биде и од странство, а тоа е на компанијата изведувач и проектант, ‘Бехтел и Енка’, кои веќе имаат искуство во изградба на вакви големи проекти и имаат искуство од каде и каков профил на работници ќе донесат за да се направи. Бидејќи 51 отсто треба да е од Северна Македонија се надевам дека ќе имаме и толку работници, механизација и материјали кои ќе можат да бидат имплементирани во проектот“,
рече завчера премиерот.
Ковачевски: Кај нас може да се работи повеќе од 40 часа неделно и без законски измени
Претставници од Владата и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат документацијата и деталите од договорот за изградба на овие два коридори, во соодветна собраниска процедура, најавија вчера од Владата.
Увид во договорот, според владиното соопштение, ќе имаат пратениците со безбедносен сертификат.
Влада: Ќе го презентираме договорот со „Бехтел и Енка“ пред пратениците со безбедносен сертификат
Ваквата најава следуваше откако опозицијата побара објавување на договорот, за кој од Владата соопштија дека е класифициран. Завчера, деветмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносен сертификат, упатија и писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот. Барањето тие го поднесоа врз основа на членот 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации.