Оние кои со меници држеа пратеници денеска полна им е устата со лаги и нови закани, реагираат од владејачката партија
Срам е да излезеш со тешко лажно обвинување, да лажеш дека е киднапиран пратеник, во исто време кога пратеникот изјавува дека е под закана од поединци токму од опозицијата, реагираат вечерва од владејачката партија СДСМ, на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ и од лидерот на Беса дека пратеникот Кастриот Реџепи е киднапиран, откако не се појави на денешната седница и со тоа не обезбеди кворум за гласање невоверба на Владата.
„Срам е да велиш дека некој манипулира а во исто време со недели да ја манипулираш јавноста. Срам е да седиш на иста маса со оние кои се против НАТО и ЕУ, против концептот едно општество, против правдата, а во исто време друг да ти биде виновен за твојот неуспех. Срам е да велиш дека се црни денови за македонската демократија а не се извиниш за сите лаги и да поднесеш оставка. Оние кои со меници држеа пратеници денеска полна им е устата со лаги и нови закани. Е тоа е срам“,
се вели во соопштението објавено вечерва.
Заканите на ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачката партија, се показател за нивниот дебакл, за поразот на нивните лаги, за поразот на сите нивни невистини, манипулации.
„Христијан Мицкоски, Зијадин Села, и Билал Касами, треба да излезат пред граѓаните, да им се извинат и да понесат одговорност“,
велат од СДСМ.