Владејачкиот СДСМ се огласи за најавениот протест утре пред Владата и Собранието за поддршка на осудените за настаните од 27 април 2017 во Собранието, порачувајќи дека зад него стои Никола Груевски, а актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е само извршител.
„Објавите на социјалните медиуми на осудениот бегалец во Будимпешта, Никола Груевски покажуваат дека зад утрешните протести за одбрана на насилството, зад обидите за државен удар, зад одбрана на обидите за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието, стои токму тој. Утрешните протести во организација на ВМРО-ДПМНЕ за одбрана на осудени лица за тероризам покажуваат дека Христијан Мицкоски е само потрчко, извршител на желбите на Груевски. Откако му пропаднаа сите обиди да го одбрани криминалот, на Мицкоски не му преостана ништо друго освен да ги извршува нарачките од неговиот ментор во бегство во Будимпешта“,
велат од СДСМ.
Мицкоски вчера повика на општонароден протест, кој според планот, треба да започне пред Владата, а ќе продолжи со марш до Собранието. Протестот доаѓа во пресрет на четиригодишнината од упадот во парламентот.
Освен него, повеќе партиски функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ излегоа со поддршка и повик за протестот, а истото го направи и Груевски од Будимпешта кој во тој период беше на чело на партијата. Груевски е осомничен и како организатор на „крвавиот четврток“. За организација на настаните им се суди и на експретседателот на Собранието, Трајко Велјаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски беа опфатени во истата истрага, но обвинение за нив би имало кога ќе бидат достапни за органите на прогонот.
Сите се осомничени односно обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За истото дело, веќе заврши судскиот процес за 17 лица. 16 од нив правосилно се осудени на затворски казни од кои највисоката (16 години) ја има тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков. Единствено ослободителна пресуда доби Игор Дурловски, кој исто така, изминативе денови повикуваше на масовност за утрешниот протест.
