Платите на наставниците се зголемени за 21 отсто за четири години, а во градинките за повеќе од 16 отсто, порачува владејачката партија потсетувајќи дека е покачен и минималецот преку преговори на социјалните партнери, па затоа бараат да се најде решение преку дијалог
Социјалниот дијалог меѓу репрезентативните синдикати и надлежните институции е единствено решение, порачаа утрово од владејачкиот СДСМ откако СОНК од денеска го започна штрајкот во градинките, основните и средните училишта преку кој вработените бараат повисоки плати.
„Целта на Владата предводена од СДСМ и коалициските партнери е преку континуиран дијалог со СОНК, како репрезентативен синдикат, заеднички да обезбедат одржливи и системски решенија во врска со зголемувањето на платите на наставниците и подобрување на нивниот економско социјален статус“,
велат од СДСМ.
Тие потсетуваат дека изминатите четири години во три наврати за вкупно 21 отсто се зголемени платите на наставниците, а слично е и со вработените во градинките.
„Од 2016 година платата на вработените во градинките се зголеми за повеќе од 16% што во просек значи покачување од 4.300 за негувателки до 5.700 денари за воспитувачките. Преку социјален дијалог, минималната плата беше зголемена за 100 отсто, од околу 9 000 на 18 000 денари. Токму социјалниот дијалог меѓу репрезентативните синдикати и надлежните институции е единствено решение за штрајкот на СОНК“,
посочуваат од СДСМ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера излегоа со поддршка за штрајкот. Претседателка на партиската Комисија за образование и наука, Весна Јаневска, вчера на прес-конференција истакна дека вработените во образованието, во училиштата и во градинките, имаат со Устав загарантирано право на штрајк.
„Синдикатот има обврска, но и морално право да го организира штрајкот. Наставниците имаат право на нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата. Наставниците имаат право на покачување на платите согласно Колективниот договор. Тие тоа и го заслужуваат. Владата, наместо да им се заканува и врши притисоци врз нив, треба да се потруди да ги исполни нивните барања, да го исполни тоа што им следи и да го исполни тоа што го прифатила со колективните договори“,
рече Јаневска.
