Откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека преку огласот за финансирање на невладини организации за преземање мерки за справување со корона-кризата власта прави предизборен поткуп, со реакција излегоа од СДСМ.
„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Иванка Василевска очигледно мислат дека сѐ уште живееме во време на режимот на Никола Груевски, кога со парите на граѓаните ги полнеа своите и џебовите на нивните инструментализирани и партиски организации, поткупуваа медиуми, правеа предизборни поткупи, додека во меѓувреме вршеа притисоци кон невладини организации и слободоумни граѓани. Научени на таа матрица ВМРО-ДПМНЕ денес во се гледа наводни скандали. Лица кои на 27 април биле замешани во насилствата, денес од партиски прес-конференции продолжуваат да ги напаѓаат невладините организации“,
се вели во партиското соопштение.
Обвинувањата на опозицијата, од СДСМ ги оценија како политикантство и ширење на лажни вести.
„По којзнае кој пат се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот што парите од Буџетот не одат во белиот дворец туку се користат за интересите на граѓаните Таа корумпирана политика на ВМРО-ДПМНЕ е поразена и заменета со одговорна власт, која транспарентно работи во интерес на граѓаните. Ширењето лажни вести, одржувањето на неаргументирани и неточни прес-конференции е дел од политикантсвото на Мицкоски, кој единствено што правеше изминатиов период беше да работи на штета на интересите на граѓаните. Се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да биде одговорна партија и затоа постојано се обидува да ја влече државата назад. Но, ние тоа нема да го дозволиме. Заедно со граѓаните ќе ја надминеме и оваа здравствена криза и ќе продолжиме успешно по патот на развојот и напредокот“, велат од СДСМ.
