Во соопштението се наведува дека премиерот Мицкоски не го исполнил ветувањето за инвестиција од 1 милијарда евра за чист воздух

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) упати обвинувања до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека додека главниот град се соочува со алармантно загадување од власта врват „криминални тендери“ .
Од СДСМ посочуваат дека во периодот додека Скопје се „гуши“, се реализираат тендери во вредност од милиони евра за фирми блиски до власта. Оттаму потсетуваат на случајот со 161 тендер за една фирма вреден 5,3 милиони евра, како и тендер од 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени.
Партијата дополнително предупредува дека поради сомнежи за злоупотреби, ЕУ ја има суспендирано ИПАРД 3 програмата, со што државата губи пристап до значајни европски средства.
Во соопштението се наведува дека премиерот Мицкоски не го исполнил ветувањето за инвестиција од 1 милијарда евра за чист воздух. Напротив, СДСМ тврди дека буџетот за чист воздух е скратен за 51 отсто, нема средства за бесплатен јавен превоз, филтри или еколошко греење.
„Изборот на ДПМНЕ е крадење на народот и лично богатење наместо јавното здравје на скопјани. Во времето на СДСМ се презедоа низа на мерки со Планот за чист воздух и во тие години започна тренд на постепено намалување на загадувањето. Штетните честички ПМ 2.5 во воздухот се намалија за 564 килограми на годишно ниво, а честичките ПМ 10 за 735 килограм исто така на годишно ниво. И тоа граѓаните го знаат“,
велат од СДСМ.
Од СДСМ бараат прогласување на еколошка и здравствена кризна состојба во Скопје. Тие инсистираат на свикување итна седница на Советот на Град Скопје каде би се разгледале нивните конкретни мерки за намалување на загадувањето.
Од опозициската партија велат дека за каква било мерка да биде ефикасна, мора прво да се запре со корупцијата и да се сноси одговорност за еколошката катастрофа.
Но, за да може да се реализира некоја мерка, од СДСМ велат дека мора крадењето на народот да запре, а сите виновни да понесат одговорност согласно закон.
Вчера, советниците од СДСМ во Град Скопје информираа дека поднеле и иницијатива за свикување итна седница на Советот, на која ќе бидат утврдени заклучоци и донесени итни мерки.
Според советничката Катарина Цаневска-Арсовска, која говореше на прес-конференцијата, коалицијата во Советот предводена од СДСМ бара да се донесе одлука со која намалувањето на загадувањето ќе биде утврдено како приоритет на градските власти. Ова како, што кажа таа, значи Градот Скопје да финансира мерки во насока на намалување на аерозагадувањето, бидејќи досега воопшто не се инвестирало во проекти за почист воздух, поради што граѓаните се оставени сами на себе.
