Од СДСМ велат дека нивните кандидати имаат реални програми и план за реализација на ветеното, наспроти кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои тврдат дека „докажано не реализираат ништо од ветеното“

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) вели дека изборната кампања во вториот круг од локалните избори ќе ја продолжи со битка за освојување 17 градоначалнички места.
Од партијата упатуваат повик до граѓаните за масовна излезеност на 2 ноември, нагласувајќи дека нивните кандидати во првиот круг освоиле повеќе од 155 000 гласа.
„Ги повикуваме сите кои ја препознаа чесната понуда на СДСМ и чесните кандидати да излезат во вториот круг. Исто така, ги повикуваме сите граѓани кои гласаа за другите кандидати што не влегоа во вториот круг, да дадат поддршка на нашите кандидати, кои ќе работат во интерес на сите граѓани“,
се вели во денешното соопштение од партијата.
Од СДСМ велат дека нивните кандидати имаат реални програми и план за реализација на ветеното, наспроти кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои тврдат дека „докажано не реализираат ништо од ветеното“.
СДСМ упатуваат критика до ВМРО-ДПМНЕ за, како што ги нарекуваат, „очајни обиди за манипулација“ и „весели математики“ при сумирањето на изборните резултати.
Според СДСМ, анализата на пратенички места врз основа на добиените гласови јасно покажува дека ВМРО-ДПМНЕ би паднале на 52 пратеници, додека СДСМ би имал најмалку 21 пратеник.
„ВМРО-ДПМНЕ не може да го скрие падот, а бројките се јасни и немилосрдни кон нив. Очајните обиди за манипулација се резултат на шокот кој го доживеаја и падот од преку 140 000 гласа, кој е јасен сигнал дека нивните лаги и погрешни политики се прочитани“,
додаваат од СДСМ.
Партијата најави дека ја продолжува битката за уште 17 општини каде имаат докажани и чесни луѓе кои веќе во првиот круг докажале што имаат да понудат.