СДСМ тврди дека стручни и квалитетни кандидати се отфрлаат, а местата се пополнуваат со партиски подобни лица. Како пример наведуваат и партизација на позициите за лични асистенти за деца со посебни потреби

Опозициската СДСМ денеска ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ за невидена партизација на државните институции пред претстојните избори.
Според СДСМ, вработувањата се вршат исклучиво за партиски подобни лица, што, како што велат оттаму, ја уништува надежта на младите дека може да се вработат според квалификации и знаење.
„Каде е министерот Минчев да излезе и да објасни како се професионализирала администрацијата? Администрацијата никогаш не била на посилен удар, не е ни чудо што лани преку 17 илјади луѓе се иселиле. Оваа бројка секојдневно ќе расте. ВМРО-ДПМНЕ надежта ја претвори во очај“,
велат од СДСМ во соопштението испратено денеска.
Од СДСМ велат дека во институции како М-НАВ, Министерството за одбрана и други, се објавени преку 700 огласи за работа, кои се користат за вдомување на партиски кадри.
СДСМ тврди дека стручни и квалитетни кандидати се отфрлаат, а местата се пополнуваат со партиски подобни лица. Како пример наведуваат и партизација на позициите за лични асистенти за деца со посебни потреби.
Од партијата го посочуваат вработувањето на Атанас Стамнов во М-НАВ, кој, според нив, нема искуство во воздушниот сообраќај, а неговата сопруга е директорка на Централниот регистар. Исто така, тие го споменуваат и унапредувањето на братот на претседателот на Управниот одбор, Владимир Ристовски.
Во Министерството за одбрана, пак, обвинуваат за манипулација со конкурс за офицери.
„Од 74 кандидати успешно ја поминале селекцијата, но само 29 имиња се нашле во решението. Министерството за одбрана ја лаже јавноста тврдејќи дека тие кандидати ќе бидат пренасочени во ’втора група’ за курсисти, што е целосна манипулација“,
се додава во соопштението.
Оттаму тврдат дека нема да има втора група, туку нов оглас за кадри кои се подобни и кои ќе ги чуваат местата за нив.
Според СДСМ, оваа политика на ВМРО-ДПМНЕ им испраќа јасна порака на граѓаните дека нема место во оваа држава за чесните, работливи, оние кои вложувале во себе и својот развој.
Партијата нагласува дека ваквиот систем, кој граѓаните се надевале дека ќе се промени, сега се надградува до ниво на уништување на целото општественото ткиво.